
Сеќавања, емоции и заложби за нов објект на 20 години „ Убавицата и ѕверот“
Фотографии закачени како алишта на сушење, инсталација од сценографија и костими и споменар за премиерата на „ Убавицата и ѕверот“, со која на 06 февруари 1998 година, Театарот за деца и младинци го означи почетокот на работата во објектот на бившата кафеана „ Вардар“, по 8 години талкање по други сцени. Враќањето во минатото ги разбуди емоциите на актерите.
„Еве сега само што влегов, ги видов и сликите, ги видов и костимите, зашто секогаш сум во костим. А, сега кога ги видов од дистанца, ох, сето тоа е малку така. Почувствителна сум и мислам дека ова малку ќе ми донесе солзички“, кажа Тања Павловска Кочовска, актерка.
Тања и нејзиниот сопруг Предраг Павловски , денес вработени во МНТ и во Драмски театар, се единствени актери од претставата „ Убавицата и ѕверот“, кои до сега не пропуштиле ни една изведба.
„Искрено, јас не верував дека ќе има толку долг живот, ама се погодија , мислам и добар кастинг, добар режисер, добра приказна, непретенциозна“, кажа Предраг Павловски-актер.
„ Убавицата и ѕверот“ ја постави режисерот Димитар Христов, по текстот на српскиот автор Игор Бојовиќ. Низ романтичната бајка со магија и песни во живо, претставата зборува за љубовта и за потребата од прифаќање на поинаквите луѓе. Ана Левајковиќ- Бошков, во ликот на Убавицата, нема никогаш да заборави една од изведбите.
„Јас излегувам и слушам дека се смеат наоколу сите. А, јас сум застанала во некоја поза исправена и Тања ми мавта од страна и ми вика, го влечеш корсетот од првиот костим. Тој се закачил на вториот. Ете така, беше интересно“, кажа Ана Левајковиќ-Бошков, актерка.
Наградите за костими и сценографија на Александар Ношпал и на Тања Кочовска, за улогата на Скакулка во оваа претстава, од фестивалот во Суботица, се дел од 47 признанија кои влегуваат во статистиката на ТДМ.
„Од формирањето на театарот , на 25 март 1990 година до сега, во театарот се изведени 65 премиери, одиграни се 4030 претстави. Освен „ Убавицата и ѕверот“, повеќе претстави се одиграни над 200 пати“, кажа Кети Илиевска –Силјановска, в.д. директорка на ТДМ
За актерите, Владимир Лазовски и Изабела Новотни, јубилејот 20 години изведби на „ Убавицата и ѕверот“, влегува во нивните 25 години стаж, во овој театар.
„25 години поминаа како 25 минути. Многу сум така среќна. На моменти и тажна затоа што свесна сум колку брзо лета времето и се надевам дека и новите генерации ќе ја продолжат оваа традиција“, кажа Изабела Новотни-актерка
Со 112 седишта и сцена широка околу 35 метри квадратни, гледалиштетот е претесно за ансамблот и за публиката. Затоа власта сака да изгради нов објект, истакна од позиција на актуелен заменик министер за култура, Владимир Лазовски.
„Во сегашната структура на власта се луѓе кои што многу добро ја разбираат уметноста, поготово ТДМ. И мислам дека од нив првенствено потекна идејата за некој поголем простор и соодветен објект за ТДМ“, кажа Владимир Лазовски-заменик министер за култура
Во меѓувреме, следува уште еден важен статитички податок.
Покрај 20 години изведби, претставата „ Убавицата и ѕверот“ наскоро ќе биде изведена по 350 пат. Тоа значи дека таа е најдолговечната претстава во историјата на македонскиот театар. Но, засега.
Сотир Трајков