Се брише функцијата уметнички директор во културата

Функцијата Уметнички директор оди во историјата. Поради тоа што не профункционира реално, со предлог Законот за остварување јавен интерес во културата, таа се заменува со Програмски совет. Но, ќе остане само во установите на кои тои им го овозможува статутот, вели координаторот на овој закон.

„Официјално, во законот не стои место за Уметнички директор, туку тоа се заменува со Програмски совет бидејќи праксата покажа дека уметнички директор практично во националните институции, нема“, вели Златко Теодосиевски координатор на законот и посебен советник на министерот.

Со предлог Законот за остварување јавен интерес во културата, значително ќе се зголеми опсегот на уметници и културни работници кои може да се регистрираат како  самостојни, а ресорното министерство да им покрива пензиско и здравствено осигурување. Тоа е на нивно барање, потенцира Теодосиевски.

„Сметавме дека треба да се прифати, бидејќи има редица од нив кои што се регистрирани, односно сакаат да се регистрираат како самостојни културни работници, да остваруваат права бидејќи заработуваат од својот труд“, вели Теодосиевски.

Со Законот се преименува интересот во културата од национален во јавен, предвидени се реформи во финансирањето на културата и на самото министерство, измени во организизација и одлучувањето за годишните конкурси, новини во работата на националните установи и во определувањето на надлежностите во управните одбори. По јавните дебати, предлог текстот на Законот за јавен интерес во културата, ќе оди на усвојување во Влада и во Собрание.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ