
Ретка можност да се видат дела од западноафриканската уметност
Во Музејот на Македонија, вечерва ќе биде отворена изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“. Станува збор за ретка можност граѓаните да видат дела од африканската уметност, кои во Скопје пристигнаа од специјализираниот музеј за африканска уметност во Белград.
„ Се работи за обемен и комплексен проект. Бидејќи ваков проект со Србија не бил реализиран повеќе години. Ја почнуваме оваа прекрасна соработка и со Џез фестивалот за која се надеваме дека ќе трае и во наредните години. А, бидејќи изложбата ќе трае два месеци, развивме и едукативна програма за деца кои ќе изработуваат предмети од глина и во боенки, а ќе има и прилагодена форма на каталог за нив. Така што се трудиме Музејот на Македонија да го вратиме на музејската сцена, рече директорот Гордан Николов.
Според Александра Продановиќ Бојовиќ, кустос од Музејот на африканска уметност во Белград , ова е првпат во 40- годишното постоење на музејот, со свои експонати да гостува во Македонија.
„На изложбата е претставен оригинален материјал од збирките на Музејот на африканска уметност. Тука во Скопје ќе бидат изложени повеќе од 70 маски, скулптури и ткаенини кои потекнуваат од западна Африка. Со оглед на тоа дека се работи за прво наше гостување имавме желба да ја приближиме оваа уметност на традиционалите заедници која во светските музеи стана еден вид класичен израз на африканската уметност. Оваа уметност ќе ја сретнете во сите големи светски музеи кои имаат свои колекции на африканска уметност“, истакна кустосот Продановиќ Бојовиќ.
Делата потекнуваат од колекција, која на Музејот во Белград му ја подариле Здравко и Веда Печар, кои во 60 –тите и 70 – тите години од минатиот век биле дипломати во Мали и Гана. Toa e период кога интересот во светот за африканската уметност бил најголем.
Гоце Наумов, координатор на изложбата од Музејот на Македонија рече дека ова е вистинска ексклузивна можност една ваква изложба да биде прикажана првпат во Македонија.
„Сите знаеме за Африка, меѓутоа никогаш сме немале прилика да видиме автентични африкански предмети и во ова прво претставување сметавме дека е најдобро да се презентира она што е најкарактеристично за Африка. На изложбата ќе можат да се видат повеќе видови предмети , поврзани со ритуалите на разни народи од Мали, Буркина Фасо, Гана, Гвинеја, Брегот на слонова коска. Народи кои се познати по својата уметност, но и по својата музика која всушност е извориштето на џезот и тоа е една од причините што за овој проект соработувавме и со Скопскиот џез фестивал. Се работи за различни обредни маски од различни обредни церемонии: за иницијација на младите, за плодност на жените и земјата, култот на предците“, рече Наумов.
Џез фестивалот кој се организира 37 години и Оф фестивалот кој постои 17 години, во своите програми ја презентираат и афирмираат африканската музика.
„Задоволни сме што ја остваривме оваа соработка со Музејот на Македонија и со Музејот од Белград и што дел од нашите гости кои веќе пристигнуваат за фестивалот ќе присуствуваат на отворањето на изложбата“, рече Костадин Шурбановски од Скопскиот џез фестивал.
За време на траењето на изложбата ќе има пет предавања, од кое првото ќе се одржи на 18 октомври на кое кустосот од Белград, Александра Продановиќ Бојовиќ ќе зборува за збирката на Музејот во Белград и настанувањето на колекцијата. Како дел од придружната програма на оваа изложба ќе бидат прикажани четири играни и три документарни филмови, како и неколку работилници со студенти по ликовна уметност.