Разногласие и некоректен однос на комисиите кон одбиените апликанти за Годишната програма за култура

По бурата реакции во јавноста во текот на викендот , за Годишната програма за култура, за која се вели дека е правена без почитување на критериумите и со форсирање на партиски, етнички блиски поединци до актуелната власт и реакциите на министерот за култура и на премиерот Заев дека програмата треба да се ревидира , утрово со задоцнување од 40 минути, за медиумите започна увидот во одбиените проекти на апликантите за годишните конкурси.

Увидот покажа разногласие и некоретно однесување од комисиите кон одбиените апликанти. Наспроти вчерашната најава од Министерството за култура дека ако кај одбиените проекти се утврдат неправилности при оценувањето , дека ќе бидат ставени на листите на одобрени, денеска на одбиениот писател за деца Наум Попески поради недоставена покана за учество на фестивал во Бања Лука, му било кажано спротивното.

Јас денеска дојдов да видам , бидејќи знам дека доставив покана. И го отворија тоа плико со моите документи. А, велат тука била поканата. Велам, сега тоа треба автоматски да го средите и да не ме одбиете. А не, велат, сега ќе чекаш приговор да дадеш, решение и што ти јас знам таму. Велам, немам потреба од тоа. Грешката е ваша, не е моја. Не, ние видовме, комисијата виде, покана немаше. Некој дополнително ја ставил, вели писателот за деца Наум Попески.

Поради новиот и сложен начин на аплицирање, реагираа од издавачката куќа „Или–Или“. Тие од пријавени 10 книги, добиле подршка само за една, за која сметаат дека е извлечена како на лотарија.

Тоа е некој систем прикови во пликови. 10 книги во 10 пликови, па тие во други 10 плика. Ние сите пријави сме ги ставиле во еден плик. И значи тие прифатиле дека ние всушност имаме само еден проект, вели Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или-Или“.

Незадоволни од резултатите во Годишната програма, пред министерството денеска протестираа од Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија.

Имаме направено споредба , на македонските друштва им имаат дадено околу 2 700 000 денари, а албанските ансамбли за работа имаат 4 700 000 денари. Значи голема неправда е направена и затоа ние сме тука дојдени да протестираме, рече Благој Јовановски од Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија.

Против резултатите од Годишната програма за култура станаа и 10 директори на театри и центри за култура. Тие очекуваат средба со премиерот Заев, од која ќе зависи финализирањето на скандалот со одобрените и одбиени проекти од Годишната програма. А од министерството со одговор дека за проектите кои биле одбиени, а ќе бидат одобрени по увидот на комисиите, се обозбедени дополнителни сретства.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ