Пуштени платите во Културата по реакцијата на СКРМ за недовршената нивелација

Утрово се пуштени платите за вработените во сите 40 национални установи од Културата. Со тоа запре двонеделната агонија меѓу уметниците и културните работници, на кои им доцнеа платите поради процесот на нивелација според новите пресметани коефициенти, кои сеуште не се направени и доставени до Министерството за култура од дел од националните установи.

  • Дадов одлука да се средат пресметките во установите кои до сега немаат потпишани анекси на постоечките колективни договори со работодавците, изјави за Телма, заменик министерот за култура, Владимир Лазовски.

Според заменикот министер, тие установи што нема да достават нови пресметки, деновиве, ќе ги добијат априлските плати по старите коефициенти, а кого ќе достават комплет документи со нови пресметки, ќе ги добијат нивелираните плата. Во 20- 30 национални установи платите ќе стигнат денеска или утре, а ќе се пренаменат и дополнителни сретства од буџетот за нивелација на платите на нововработените кадри. До сега, на еден налог се праќале платите на сите 40 национални установи до Министерството за финансии, а сега се пуштени на посебен налог за оние установи каде нивелацијата е завршена, рече заменикот министер Лазовски.

И покрај тоа што 20-тина институции навреме ги доставија новите пресметки на плати, постојат институции кои сеуште ги немаат  направено пресметките, а не пак да ги достават. Со оглед на тоа дека платите за сите културни установи одат на еден налог, сите станавме заложници на нестручноста и каприците на поединци, реагираа во писмено соопштение од Синдикатот за култура. Но заменик министер Лазовски, вели дека СКРМ на време не ги известил синдикалните организации во сите установи од културата, дека треба да ги подготват новите пресметки. А, од СКРМ возвратија дека ни Министерството за култура не ја завршило започнатата подготовка на нивелацијата, додека процесот беше запрен поради претседателските избори.

  • Тоа не значеше дека Министерството не требаше да ја заврши работата на време и само да чека да помине изборниот процес и реформата да биде спроведена, велат од СКРМ.

Според Синдикатот за култура,  дополнителна причина за доцнењето на нивелацијата е што во некои од националните установи од културата, поединци или раководители на сектори, се пазарале заради неинформираност и поради неприфаќање на значењето на нивелацијата.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ