
Пропаѓа ли акцијата „ Донирај уметност“ за Атина?
Пропаѓа ли акцијата за донирање дела на Атина, по стравотниот пожар, лани во јули, кој однесе стотина човечки животи? Уметникот и графички дизајнер, Зоран Кардула, кој стои зад организацијата на добротворната акција, на Фејсбук напиша дека е незадоволен тој и останатите 72 уметници кои донирале дела, зашто Град Скопје од декември наваму, не ги информира, што се случува со делата и до каде е реализацијата на донаторската акција. Во знак на револт, Кардула најави дека уметниците ќе ги повлечат делата од депото на Музејот на Град Скопје.
Зоран Кардула, кој не дава изјави во камера, на Фејсбук напиша дека неколку пати се обидел, но не добил одговор од Град Скопје, кој го организира преносот на делата до грчкиот главен град.
Крајно разочарувачки однос кон самата иницијатива и кон сите уметници. Доколку од било која причина, Градот не можел да го реализира она што го вети, ќе беше чесно да ме информира и да ги организирам уметниците да си ги подигнат своите дела, напиша Кардула.
Од кабинетот на градоначалникот Шилегов велат дека реакцијата на Кардула е избрзана и претерана зашто Градот Скопје сеуште е на ставот да ги донира делата на Атина и покрај тоа што нема одговор од грчка страна. Од таму ни ја дадоа меѓусебната коресподенција, што траела до декември 2018.
Град Скопје ги исполни сите свои обврски што се однесуваа на донацијата на уметниците од Скопје кон градот Атина. Неколку преписки имаме со секторот за Меѓународна соработка на нашите соработници од Атина и до сега немаме никаков одговор, во однос на тоа, кога и каде би сакале да ги примаат делата, вели шефот на кабинетот на градоначалникот Никола Наумовски.
Уметниците не можат да ги земат делата туку- така, велат од Музејот на Град Скопје.
Постојат процедури и постапки кои мораат да се задоволат , за да може да се подигнат тие дела. Не е никаков проблем . Меѓутоа таа постапка не е завршена, колку што јас знам. Градот уште нема донесено одлука околу вредноста на тие дела и дали ќе се донираат, вели Емил Алексиев кустос во Музејот на Град Скопје.
Кардула за Телма вели дека разочараните уметници ќе ги повлечат делата и ќе ги дадат на две аукции за собирање сретства за лечење болно дете и за помош на семејства од ранливи категории граѓани. „ Донирај уметност“ беше замислена како реципроцитет на грчката донација на Музејот на современа уметност, по земјотресот во Скопје, 1963 година.
Сотир Трајков