
Премиера на „ Бесачи“ во МНТ
На сцената на МНТ вечерва се изведува премиерата на тричасовната претстава „ Бесачи“. По текстот на британско- ирскиот драматичар и сценарист Мартин Мекдонах, претставата која за тема ја има смртната казна, ја постави истакнатиот и наградуван бугарски и европски режисер, Јавор Грдев. Поради насилните сцени, претставата не се препорачува за помлади гледачи од 18 години.
Наградениот текст со „ Лоренс Оливие“, „ Бесачи“, од Мартин Мекдонах, ги доловува предрасудите и трагичниот, животински инстинкт кај човекот, кога бара крв и е спремен да го убие својот близок. При тоа, убиствата со смртна казна, во име на правдата, ја чинат темата на претставата, вели режисерот Јавор Грдев.
- Според мене, нема подобра тема од темата, дали човекот има право да убива и да плаче за правда преку убиства, т.е. преку нарушување на првата божја заповед, која вели-Не убивај! Тоа, колку човекот може да биде правичен во правдата, за Мекдонах и за мене е проблематично, изјави Јавор Грдев- режисер.
Претставата не враќа во Британија во 1963 година, кога е укината смртната казна. Но, семејството на поранешниот егзекутор,Хари Вејд, во изведба на Никола Ристановски, повторно е изложено на нови предизвици поради кои се бесат поединци. Морничавите сцени на сокривање на злосторствата, низ режијата добиваат црнохуморен и ироничен израз.
- Овдека требаше да излеземе од трагичниот аспект, да го поминеме него, да поминеме низ драмскиот аспект, да излеземе од него. И да отидеме во комедија за да постигнеме граничен жанр, што се базира на можноста , современата публика да ја фати ироничната содржина, изјави Јавор Грдев- режисер.
Хиерархијата на бесачите ја доловуваат и Јордан Симонов и Благој Веселинов, а играат уште 10 актери од средната и помладата генерација.За богатиот визуелно- симболичен приказ беа задолжени, сценографот Никола Тороманов и костимографот Свила Величкова, а музика компонираше Калин Николов. Поради големиот интерес, нема билети за утрешната реприза, па на заинтересираните им остануваат изведбите на 8 и 9 октомври.
Сотир Трајков