
Потребата од комуникација ќе се преиспитува во Драмски театар
Недостатокот од комуникација меѓу луѓето во современиот свет, неможноста да се слушнат и разберат меѓу себе и улогата на психотерапијата како лечебно сретство во таа општа рашомонијада, ја чини главната тема во претставата „ Чудесна терапија“, која по текстот на австрискиот автор Даниел Глатауер, во Драмски театар ја постави режисерот Димче Николовски. Премиерата е закажана во сабота- 14 септември, од 20 часот, на малата сцена.
Се работи за недостаток на комуникација меѓу луѓето. Тоа многу пати било причина за војни , а во современата технолошка ера, луѓето уште повеќе се оддалечуваат меѓу себе, вели режисерот Николовски, за провокацијата да го постави овој текст. Тој признава дека процесот на подготовка на оваа камерна претстава бил напорен, но потенцира дека е задоволен од крајниот резултат и од сите соработници вклучени во проектот.
Иако станува збор за драмски текст кој зборува за неможноста да комуницираат двајца партнери, во што им помага психотерапевт, според содржината на текстот и ситуациите меѓу ликовите, дејствието се движи до комедија, вели драматургот на претставата, Александра Бошковска.
Ликот на психотерапевтот е професионалка која ги открива проблемите меѓу парот и наоѓа начин да им помогне, вели актерката Соња Стамболџиоска за својата улога. Маја Вељковиќ Пановска и Предраг Павловски ги толкуваат улогите на партнерите и по втор пат, како што истакнаа, се директни партнери на сцена. Според Вељковиќ Пановска, ликовите се многу податливи за работа. А, Предраг Павловски, кој смета дека за добра претстава, најважен е добриот колективен чин, очекува претставата да трае долго зашто , како што рече, прв пат соработува со режисерот Димче Николовски и лесно се нашле, еден со друг. Во тоа им помогнала драматургот Бошковска, дополни актерот Павловски.
Преводот на текстот од германски јазик го направи Дориана Кокиноска Ристевска, специјална нумера за претставата компонираше Давид Матевски, а костимите се авторство на Раде Василев. Претставата „ Чудесна терапија“ е финансирана од приватна донација. Таа трае 1 час и 20 минути.
С.Т.