Потпишан новиот Колективен договор во културата на кој се чекаше 15 години

Синдикатот за култура ја извојува својата битка. По повеќе од две години подготовки на текстот, работа со Министерството за култура и протести заради неизвесноста дека нема да се испочитува ветеното од ресорот, денеска беше потпишан новиот Колективен договор во културата, на кој вработените во оваа дејност чекаа 15 години. Со овој договор, кој стапува на сила на почетокот на 2020 година, се уредуваат платите и работничките права, рече министерот Исмаили. А, согласно договорот, кој го потпишаа и од СОНК, новите кофициенти за плати ќе почнат да се применуваат најдоцна од јули, идната година.

Новиот Колективен договор за култура, беше потпишан денеска, а ќе стапи на сила по Нова година. Во текстот постои клаузула која ги штити работниците од евентуално неспроведување на одредбите за нови коефициенти на плати, кои ќе се пресметуваат, најдоцна од јули, 2020, рекоа од Синдикатот за култура.

  • Не треба да трпи затоа што тоа си стои во договорот и кој да биде на власт, тие сретства ќе бидат спроведени, рече Сања Арсовска- претседател на Синдикатот за култура на Република Македонија.

За текстот на Колективниот договор немаше јавни расправи, па за можни пропусти, од СОНК се спремни за соработка со СКРМ и со Министерството за култура.

  • Интензивно ќе работиме и во понатамошниот период за надминување на сите отворени прашања за кои заеднички ќе утврдиме дека некаде можеби несвесно сме направиле грешка или пропуст, изјави Јаким Неделков- претседател на СОНК.

Со новиот Колективен договор, се уредуваат платите и работничките права на вработените, истакна министерот Исмаили.

  • Вреднување на трудот на културните работници, утврдување на надоместоците на истите, понатаму, заштита на сите права на работниците без неправедно вреднување и оценување на нивниот труд и други работи, рече Хисни Исмаили- министер за култура.

На новиот Колективен договор се чекаше 15 години. Со него се става крај на хаосот, вработени на исти позиции , во различни установи да земаат различни плати.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ