
Постхумна ретроспектива на Танас Луловски во Даут пашин амам
Национална галерија на Македонија, во рамките на програмата со која годинава го одбележува својот 70 роденден, утре вечер (четврток), во 19 часот, во Даут пашиниот амам, ќе ја отвори постхумната ретроспективнa изложба на Танас Луловски , еден од доајените на македонското современо сликарство. Тој остави неизбришливи траги во развојот и афирмацијата на современата македонска ликовна сцена, како родоначалник на концептуализмот, поставувајќи го уште во раните 1980- ти години на 20 век прашањето, дали празен простор може да претставува уметничко дело. На изложбата ќе бидат поставени слики и цртежи од сите фази во творештвото на Танас Луловски, кое започнало во 60-те години на минатиот век. Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни уметници, а имајќи предвид дека досега не е напаравено вакво ретропсективно прикажување, покрај парцијалните претставувања последните десетина години, оваа изложба е своевиден пресек на неговото творештво и укажува на исклучителното значење на авторот, за современата македонска ликовна уметност. Делата што ќе бидат изложени, се сопственост на семејството на авторот, на повеќе институции : Национална галерија на Македонија, Музеј на современата уметност, ЦК „Антон Панов“ – Струмица, како и на значаен број приватни сопственици. Изложбата ќе биде отворена до 20 февруари 2019 година.
Танас Луловски е роден на 20 февруари 1940 година, во Желево, Леринско, денешна Грција. Основно училиште завршил во Бела Црква, Војводина, а потоа заминал во Романија, каде во исто време се запишал во гимназија и во уметничкото училиште Јаши- Романска Молдавија. По завршување на средното училиште во 1961 година заминал во Букурешт, каде конкурирал и биде примен на Факултетот за ликовни уметности. 1967 година дипломира на Институтот за ликовни уметности „ Николае Григореску“, во класата на проф. Александру Чукуренко. До 1985 година Луловски е слободен уметник. Како стипендист на Италијанската влада, 1970-71, специјализирал сликарство во Рим. А студиски патувања остварил во Париз, Амстердам, Мастрихт, Виена, Фиренца, Њујорк, Торонто. Од 1985 година работи како професор по сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Починува на 2 август 2006 год., во Скопје.