
После десет години имаме десет македонски документарни филмови и конечно МакеДокс стана некој вид на Make Dox
Во рамките на годинашното издание на Фестивалот на креативен документарен филм кој се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“ и ќе трае до 28 август се опфатени 70 креативни документарни филмови. Најголем број проекции се во Куршумли ан и на платото пред него, додека младинската и детската програма се во Младинскиот културен центар.
После десет години имаме десет македонски документарни филмови и конечно МакеДокс стана некој вид на Make Dox бидејќи очигледно почнаа да се прават документарни филмови. Новата документаристичка сцена Македонија почна да работи, да продуцира филмови. Би сакале да најавиме еден гостин кој што е исклучително важен за документаристиката како за нас така и за цела Европа тоа е режисерот Виктор Косаковски кој имаше проекција на филмот „Акварела“ кој беше по сите реномирани светски документарни фестивали, вели Петрула Вељановска, селектор на програмата.
На десетгодишниот јубилеј на „МакеДокс“, кој се совпаѓа со 30 години од уривањето на Берлинскиот ѕид, „Земја во фокус“ е Германија. Во оваа програма се 8 германски документарни филмови, со акцент на источногерманската продукција.
Оваа година интересно е дека направивме една сериозна програма за деца и млади. Програмата за деца е направена во соработка со Меѓународниот фестивал за документарни анимирани филмови Док Лајпциг кој веќе постои во Германија 61 година, што е прилично солидна бројка за еден фестивал. Со нив селектиравме 11 кратки анимирани филмови и еден долг анима док филм нов поджанр во документаристиката каде се комбинираат документарни и анимирани делови, вели Петрула Вељановска, селектор на програмата.
Годинава се присутни 100 странски гости што доволно говори за интересот за овој фестивал сметаат организаторите. Десетолетката на МакеДокс – Фестивалот на креативен документарен филм почна со „Мизерикордија“ на Ксавиер Марадес и „И сѐ стана песна“ на Шејмус Марфи . Маке Докс ќе биде затворен со премиера на „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска , документарецот кој триумфираше на најпрестижниот американски фестивал Санденс.
Нина Стефанова