Поради инерција во промените Поповски си оди од Управниот одбор на МНТ

Викендов беше ѕвезда што гостува со „ Ричард Трети“, а веќе денес си ги пакува куферите. Режисерот Александар Поповски поднесе оставка на функцијата претседател на Управниот одбор на МНТ, со образложение дека за една година нова власт, состојбата во театарот е непроменета, а поради тоа нема услови за креирање квалитетна уметничка програма, заради која прифатил да помогне. Оставката е гест за размрдување на институциите и очекувам реакција од нив, потенцира Поповски.

„Ова го правам затоа што не би сакал да одат работите по инерција. Се може, една програма за друга пристигнуваат, некои барања секојдневни. Мислам дека не се кристализира сликата. И тоа е најважно. Сакам да чујам став на институции“, вели Поповски.

Поповски, кој има блескава регионална кариера и од пред две години живее во Загреб, е незадоволен што нема најава за распишување конкурс за нов директор на театарот и што не може да се избере ниту уметнички директор, поради како што рече тој, нејасниот статус на Дејан Пројковски. Тој по оставката на функцијата директор на МНТ, земал плата како уметнички директор, а според решението, не одобрено од Управниот одбор , фигурирал на местото режисер, кое не постои. Увидот во овој проблем бил нецелосен поради нелегални постапки на одговорните служби во МНТ, потенцира Поповски.

Телма се обиде да го контактира Дејан Пројковски, но тој не одговори на нашите телефонски повици. Функционирањето на театарот било отежнато и поради наследени долгови од претходната власт, се пожали режисерот. Како што дознава Телма, актуелната в.д. директорка Симона Угриновска покрила 50 илјади евра, но останал долг во висина од 120 илјади евра кон добавувачи за склучени договори за јавни набавки на стоки, услуги и обврски за комуналии, направени меѓу 2015 и 2017 година. По основ на сомневање за ненаменско трошење сретства, веќе е известено Министерството за култура, а пријавено е и во МВР, вели Поповски.

Тој од неодамна е назначен за уметнички директор на СНГ-Марибор, но вели дека тоа не влијаело на одлуката да поднесе оставка како претседател на УО на МНТ. Оставката треба да биде почетокот на дебата за состојбите во културата во земјава, дециден е Александар Поповски. Од МНТ велат дека не знаат кој ќе го наследи Поповски на функцијата, зашто претседател на УО делегираат од ресорното министерство.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ