
Почнуваат 57-те Струшки вечери на поезијата
Страста кон поезијата некогаш е тешко да се разбере, но не треба да се заборави во која мера поезијата е ангажирана со човековата егзистенција, прашањата врзани за егзилот и смислата на постоењето, вели полскиот поет Адам Загајевски годинашен добитник на „Златниот венец“.
„Мислам дека поезијата цело време се обидува да одговори на загатката за човечкиот живот и да се одбрани соочувајќи се со варварите. Да го зачува човечкото достоинство на различни начини . Има премногу нови варвари кои доаѓаат и излегуваат во јавност. Можете да ги наречете популисти, неофашисти, некогаш тоа се супер рекламни корпорации, здруженија итн. Задача на поезијата е да се зачува дигнитетот на човечкиот живот“, вели Загајевски.
Годинашното издание на Струшките вечери на поезијата исто како и претходните ги разоткрива сите аспекти на разноликоста и важноста на нивниот дијалог низ поезијата, додава Стефоски.
„Сите ние зборуваме за славење на разноликоста. Поезијата веројатно е и најразнолика не само другите јазици, туку и сите оние поети кои творат во рамките на сопствените јазици создаваат свои автентични дијалекти“, вели директорот Стефоски.
По официјалното отворање на манифестацијата вечерва следува меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“. Годинашното 57. издание на Струшките вечери на поезијата ќе се одржува на различни локации низ Струга и во неколку градови во државата. Фестивалот ќе заврши в недела со манифестацијата „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.
Нина Стефанова