ПОЧИНА СВЕТСКИ ПОЗНАТИОТ ТУРСКИ ФОТОГРАФ АРА ЃУЛЕР

Почина легендарниот турски фотограф со ерменско потекло Ара Ѓулер кого многумина го нарекуваа Окото на Истанбул. Ѓулер почина на 90 години откако беше однесен во болница во Истанбул поради срцев удар, објави државната агенција „Анадолија“.

Црно-белите портрети на Истанбул на Ара Ѓулер на еден суптилен и несекојдневен начин ја отсликуваат душата на градот, повеќе од било кој друг фотограф, велат неговите обожувачи. Најпознатите џамии и споменици на градот, слики на работници кои ги извршуваат секојдневните задачи, ретки фотографии од Истанбул со снежна покривка, се само дел од богатото и разновидно творештво на Ара Ѓулер, кој умееше да ги сочува од заборав сите аспекти на Истанбул, градот кој се менува со френетична брзина. И покрај тоа што вљубениците во неговите дела го нарекуваа Окото на Истанбул, Ара Ѓулер за себе велеше: Луѓето ме нарекуваат истанбулски фотограф. Но, јас сум државјанин на светот. Јас сум светски фотограф.

Во својата долгогодишна и разнолика кариера Ѓулер исто така ги фотографираше познатите личности, меѓу кои се Салвадор Дали, Алфред Хичкок, Винстон Черчил, Пикасо, Тенеси Вилјамс и др.

Дури и во последните месеци од својот живот Ѓулер можеше често да се види во кафулето Ara Café, украсено со негови дела, во центарот на Истанбул. Во август, во неговиот роден град Истанбул беше отворен Музејот на фотографија, кој го носи неговото име.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ