
ПОЧИНА ПОЕТОТ РИСТО ЈАЧЕВ
По долго боледување на 77 годишна возраст почина истакнатиот македонски поет, раскажувач, романсиер, драмски автор и преведувач Ристо Јачев. Роден е во с. Долно Родево, Воденско, Егејска Македонија. Дипломирал книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Јачев најнапред едно време работи како артист и средношколски наставник, а потоа преминува во тогашно Радио Скопје ( денес Македонско Радио) каде што работи како новинар и уредник до крајот на својот работен век.
Ристо Јачев е автор на повеќе поетски книги меѓу кои : „Кавал и магија“, „Смртта на ангелот“, „Подземни сенки“, „Вечерни ветрови“(повест), „Димна гора“, „Болна градина“, „Секнати извори“, „Ехо на квечерината“, „Камена перница“, „Заточеникот на мракот“, трилогијата „Патот на ангелите“, романот „Јаков“, „Моите соништа“ (драми) и уште многу други.
Неговата поезија е претставена во низа антологиски избори од современата македонска литература. Преведуван е на повеќе светски јазици. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1967 година. За своето богато и разнолико творештво добитник е на повеќе домашни и меѓународни признанија меѓу кои наградите „Браќа Миладиновци“, „Стале Попов”, „Григор Прличев, „Ацо Шопов“ и „Кочо Рацин“. Погребот на Ристо Јачев ќе биде извршен утре во 13 часот на гробиштата кај црквата Св. Спас во Велес.