
Почина писателот Филип Рот – џинот на литературата без Нобел
На 85 – годишна возраст, синоќа почина еден од најголемите современи американски писатели, џинот на векот, Филип Рот.
Наградуваниот романописец и добитник на наградата „Пулицер“ својата инспирација ја пронаоѓал во еврејскиот семеен живот, сексот и американските идеали.
Како што пренесува „Њујорк тајмс“, Рот, авторот на „Портоевата болка“ и на „Американскa пасторала“, починал од срцев удар.
Во годината кога нема да се додели Нобел за литература, Рот почина без да ја освои најпрестижната награда. Политички некоректен, без почит кон авторитети, за шведската академија остана личност која не треба да се круниса. Ете, и фактот што годинава нема Нобел за литература, не заради војна или катаклизма, туку заради ситната човекова несовршеност, има некоја симболика со опусот на Рот.
Пред шест години го најави своето пензионирање, велејќи дека романот „Немеза“, објавен во 2010 година е неговата последна книга.
„Искрено да ви кажам – готов сум“, рече Рот додавајќи дека веќе трета година ништо не напишал затоа што кога наполнил 79 години сфатил дека повеќе нема време, па својата енергија ја насочил кон препрочитување на најомилените романи и на своите книги.
„Сакав да видам дали со пишувањето само попусто сум го изгубил времето. Заклучив дека сум прилично успешен. На крајот од својот живот боксерот Џо Луис рекол дека го користел тоа со кое располагал на најдобар можен начин. Токму тоа би сакал да го кажам и за мојата работа. Направив најдобро со тоа што го имав“, ќе каже Рот.
Престана да пишува, но не престана да биде писател. Рот, џинот на литературата, го остава отворено прашањето кое прострујува во скоро сите негови дела: кој е изборот што му придава фатален пресврт на едно постоење.
Дури седум филмови се снимени инспирани од неговите дела, што кажува дека Рот е засебен и бескраен универзум.
Ивор Мицковски