
Почина филмскиот снимател и директор на фотографија Драган Салковски
По кратко боледување, на 80 годишна возраст, ноќеска во Скопје почина доајенот на македонската филмска камера и директор на фотографија, Драган Салковски. Кариерата ја започна 1959 година, а од 1969 до 1997 година работеше во „ Вардар филм“. Зад себе остави над 100 долгометражни играни и документарни остварувања, реализирани дома и во странство. За својата исклучително посветена и квалитетна работа, Салковски е добитник на „ Златен објектив“, од Кинотеката на Македонија, за особен придонес во развојот на македонската кинематографија. Тој освои и Златна плакета за најдобра камера, за филмот „Јазол“ на Кирил Ценевски, на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, а филмовите „Тулгеш“ и „Ликвидатор“, во чија реализација беше вклучен, добија Гран-при награди на Фестивалот на документарен и кусометражен филм во Белград.
Посмртните останки на Драган Салковски ќе бидат изложени утре во 11 и 30 часот во капелата на градските гробишта Бутел во Скопје, по што тој ќе биде погребан. А, комеморација за неговиот живот и дело ќе се одржи следниве денови, најавија од Друштвото на филмските работници на Македонија.