
Почина доајенот на македонското глумиште Мите Грозданов
По кратко боледување, ноќеска во Скопје , на 75 годишна возраст, почина доајенот на македонскиот театар, Мите Грозданов. Ќе остане запаметен како човек што не запираше во работата, давајќи особен печат на секоја своја креација.
Во матичната куќа, Драмскиот театар, каде влезе 1967, по дипломирањето на белградската Академија и остана до пензионирањето 2008 година, тој оствари 90 улоги. Работеше и на радио, на телевизија и на филм, од каде неизсотавно е неговото појавување во „ Сутјеска“, на режисерот Стипе Делиќ, каде играше рамо до рамо со Ричард Бартон.
Желбата да го пренесе актерското мајсторство на помладите, ја оствари низ ангажаманот во неговиот приватен театар „ Македонија“ и со аматерите од КУД „ Јосиф Јосифовски“ , од Гевгелија. За својата работа тој освои многу награди и признанија : „ Златен ловоров венец“, на МЕСС во Сараево и награда од „ Млад Борец“, за улогата во претставата „ Партитура за еден Мирон“, „Сребрена колајна“, за монодрамата „ Дрво на ридот“, на фестивалот во Земун, награда од колегите за упаѓање за два дена во ликот на Луков, од претставата „ Црнила“, како и неколку награди од МТФ „ Војдан Чернодрински“, меѓу кои е и онаа за животно дело.
Мите Грозданов ќе биде погребан утре на пладне, на гробиштата во Долно Нерези. Претходно неговите останки ќе бидат изложени во црквата „ Свети Пантелејмон“, од 11и 30 часот, а во 10 часот ќе се одржи комеморација во Драмскиот театар.
Сотир Трајков