Петтото издание на „ КРИК“ од вечерва онлајн

Оваа година јубилиејното издание на КРИК – фестивал за критичка култура ќе се одвива вон агората, вон неговиот иманентен простор, низ кој активно ги конфронтираме веќе 5 години нашите слични и различни мислења, чувствувања и практикувања на светот. Годинава ќе ги истражуваме нашите капацитети во виртуелната агора, и ќе се обидеме да ги артикулираме идеите за заедницата, за гнилоста но и за можностите на општеството низ инаквиот, концентриран облик на комуникација и размена. Почнуваме на 09. 06. 2020 (вторник), во 19 часот, со нашиот прв гостин, Франко Берарди Бифо. https://www.facebook.com/events/358203211808550/?active_tab=about (настанот ќе може да се проследи во живо на ФБ страницата на КРИК – фестивал за критичка култура, со почеток во 19:00  https://www.facebook.com/KRIKfestival/)

Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред можеби најважните предизвици за кои досега само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, сме разговарале – што значи практикувањето, втемелувањето на одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура. Во мигов сме соочени со најранливото лице на светот, кое не постои ниту само во умните книги, ниту само на масовните форуми и конференции, ниту само во интелектуалните парадигми. Сега ни се случуваат во реалниот простор и време тагата и распадливоста на она што го живееме како претпоставена заедница, култура, политички имагинариум.

КРИК оваа година ќе се обиде да отвори и конфронтира различни епистемиолошки перспективи, прашања и полемики поврзани со воспоставувањето на овој (гол) живот кој постои во рамки на загрозените, изопачените, неправедните, и угнетувачките општества, кои почиваат врз новите капиталистички наративи кои ја проголтуваат и уништуваат идејата за емпатични, солидарни заедници. Каков вид на политички, социо-културен и економски поредок би бил идеален/оправдувачки за нас како битија кои се соочуваат и не можат да ја прифатат сопствената смртност? Каков начин на живот треба да живееме и што треба да направиме колективно/заеднички, за да се овозможи коренита промена во идејата за заедниците? Како можеме да ги преиспитаме и повторно да ги земеме предвид концептите за слобода и еднаквост? Какви движења можеме да поттикнеме кои ќе го конфронтираат досегашниот концепт на заедници и ќе понудат праведни општествени концепти и практики?

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ