
Петти мај ќе биде Ден на македонскиот јазик, од ДПМ сметаат дека тоа не е доволно
Гестот на владата да востанови Ден на македонскиот јазик е убав, вели претседателката на ДПМ. Но според неа, грижата и негувањето на македонскиот јазик треба да биде секојдневно.
Ниту еден ден е доволен, ниту пак само празнувањето е доволно , во однос на негувањето и развивањето на нашиот јазик. Сакам да потсетам од името на писателите, дека јазикот живее преку творештвото, преку убавата литература и се додека се води грижа за писателите, за убавата литература, за пласманот меѓу читателската публика, пласманот во странство, со тоа ќе се покаже интерес за нашиот јазик, вели Соња Стојменска Елзесер, претседателка на ДПМ.
Од Владата соопштија дека поради поклопувањето на претседателските избори со Денот на македонскиот јазик, дополнително ќе ги соопштат настаните кои по 5 мај ќе се одржат. А, оние кои пишуваат на македонски јазик, денес се понижени и потценети. Македонските писатели не можат да живеат од својот труд, за разлика од музичарите и филмаџиите, беше речено на денешната трибина во ДПМ. Малиот пазар, отсуството на заедничко делување и неизвршувањето на обврските од одговорните институциите, се причините за тоа, смета писателот Христо Петрески. Тој се пожали и на односот меѓу писателите и издавачите.
Имаше ситуации кога авторот добиваше колку издавачот за печатење на книгата. Потоа писателот добиваше повеќе од издавачот. Нормално, имаше реакција како споени садови од издавачите. Па издавачите рекоа, не можеме да работиме за вас, писателите, вели писателот Христо Петрески.
Ана Мартиноска рече дека отсуствуваат критериуми за вреднување на писателскиот труд.
Се поставува прашањето, кои се издавачи кај нас, какви книги се издаваат, колку книги се издаваат? Кои се критериумите по кои еден издавач решава, дали ќе отпечати едно дело или не, дали имаме професионални уредници илисопствениците на издавачите куќи во исто време се и главни уредници? Најчесто и главни критичари, многу пати и главни писатели, вели Мартиноска.
Од комисијата за издавачка дејност при Министерството за култура, беше побарано, да следи и да памети, кои автори добиле добри рецензии за објавите. Тие да се подржат во Годишната програма, а не било кои, велат писателите. Од Министерството одговараат дека комисијата при разгледувањето на пријавите ги зема предвид сите аспекти наведени во конкурсот, вклучително и рецензиите кои апликантите ги доставуваат.
Сотир Трајков