
Петар Милошевски: Системот не прави моќни индивидуалци, но тоа не фрустрира
Контроверзно, но поучно. Ова е описот за настапот на уметникот Петар Милошевски на годинашниот „ Млад отворен театар“, кој заврши синоќа. Овој млад човек од Битола, со лондонска адреса на живеење, на „ МОТ“ го изведе авторскиот проект „ Пасија по Биби“, кој зборува за улогата на роботите во животот на луѓето во блиска иднина. А, лондонскиот магазин Time out, монодрамата ја стави во топ 10 настаните, ова лето.
Телма: Претставата „ Пасија по Биби“, зборува за робот за сексуални и други домашни потреби. Па, колку осаменоста и одроденоста меѓу современите луѓе, Ве мотивираше да ја направите оваа претстава?
Милошевски: Точно таа одроденост од другите и од самите себе, која некако, се повеќе и повеќе ни се промолкнува во начинот на кој што живееме. И тоа беше на некој начин мојата инспирација за овој мој четврти по ред соло проект. Системот во кој што живееме ни нуди да се изјаснуваме, колку сме силни и колку сме моќни како индивидуални личности, меѓутоа работите се малку поинакви, според мене. Тоа прави да се чувствуваме фрустрирано.
Телма: Во претставата ја вклучувате и сопствената сексуалност. Зошто ?
Милошевски: Ништо лично мое не внесувам , иако тоа претпоставувам дека е неминовно затоа што секој уметник секако рефлектира врз сопствениот живот. Без разлика дали сте актер, дали сте режисер, дали сте сликар, дали сте балетан или оперски пејач. Меѓутоа, во никој случај не сметам дека е автобиографско, ексклузивно.
Телма: Петар, 12 години живеете во Лондон. Претставник сте на независната уметничка сцена. Како е да се работи таму, имајќи предвид дека последниве години фондовите се исклучително скратени.
Милошевски: Во изминативе неколку години добро беше тоа што барем успевавме да ја пласираме нашата работа на најразлични креативни шеми, фестивали кои што постоеја… Сега, истите тие фестивали се или скратени и воопшто немаат пари да опстојуваат како такви, не добиваат ништо од државата . Или пак истите фестивали го превземаат, за да опстанат, „fringe“ принципот. Тоа е нудење простор, меѓутоа вие, вашата екипа или без разлика дали сте соло или групно, вие сте тотално одговорни за се. Од маркетинг, продукција, пи-ар, до се останато.
Телма: Како ја доживувате својата улога на уметник во ова време на бројни проблеми: од војни, преку мигрантска криза, сиромаштија, нерамноправна распределба на капиталот ? Што може уметникот да направи преку својата работа?
Милошевски: Понекогаш тоа е на многу микроскопска основа, меѓутоа мислам дека тоа е како ефектот на пеперутката. И навистина верувам во тоа дека понекогаш дури и една таква наивност, во еден простор, во кој што ќе имате 40 луѓе, некако тој бран на емоции, тој импулс може да се превземе и да рефлектира и како концентричен круг да одекне.
Сотир Трајков