
Отворена изложбата „Борко Лазески 1917 – 1993“
Во Националната галерија на Македонија во Даут пашиниот амам беше отворена изложбата „Борко Лазески “ со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на најпознатиот македонски монументалист и втемелувач на витражот во Македонија. Во поставката се опфатени шееесетина дела кои ги опфаќаат сите фази на богатото и разнолико творештво на Борко Лазески. Значењето на овој великан на македонската ликовна уметност е огромно и влијанието на неговото дело се разоткрива во повеќе сегменти.
„Ретко на балканските простори се појавил толку силен сликарски дух со толку силна креативна енергија да оствари толку голем зафат во своето сликарско творештво посебно како редок муралист втемелувач на витражот на Балканот, поддржувач на фресковата традиција силно вграден во македонските просторни и духовни пејзажи“, истакна Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија на Македонија.
„Како генерациски осаменик тој е раритетна појава во нашата уметност. Му ги должиме првите модерни мурали и витражи, првите концепти за апстрактните појави, првите обиди за општествување на уметноста и за синтезата на повеќе ликовни изрази преку дејствувањето на групата ДЕНЕС“, забележа ликовниот критичар Соња Абаџиева.
Лазески велел дека уметноста мора постојано да комуницира со народот со сите луѓе на улиците, во јавните секојдневни простори на движење да ги разурне тесноградите ѕидови на ателјето, рече министерот Роберт Алаѓозовски во своето обраќање.
„Тие зборови се инспирација и за нашите културни политики со кои сакаме културата да допре до сите граѓани и до сите краишта на Македонија. Творештвото на нашите врвни уметници кои имаа и светска афирмација заслужува да биде во постојан контакт со јавноста“, додаде Алаѓозовски.
Делата на Борко Лазески во Даут пашиниот амам ќе бидат изложени до 5 април. Во рамките на чествувањето на Лазески Националната галерија на Македонија минатата недела ја промовираше и монографијата „Борко Лазески“ посветена на најпознатиот македонски монументалист и втемелувач на витражот во Македонија.
Нина Стефанова