Отворена изложба по повод 30 години од Кадифената револуција

„ Патот до слободата“, е насловот на изложбата, отворена во Музејот на македонската борба, со која Амбасадата на Република Словачка во земјава, се приклучува кон одбележувањето на 30 годишнината од Кадифената револуција во Чехословачка. Кадифената револуцијата која ја започнаа студентите, беше вовед во падот на комунистичкото уредување во земјата и иницијална каписла за поделбата на Чехословачка на две држави- Чешка и Словачка.

Изложбата вклучува 10 паноа со текстови за Кадифената револуција и фотографии, направени од професионални репортери , но и од обични граѓани, кои во ноември 1989 година беа на улиците на Прага, но и во други градови.

  • Целта на изложбата е да покажеме како се боревме за слобода, зашто нашето комунистичко уредување беше различно од тоа во поранешна Југославија. Во некогашната заедничка држава сите вие сте можеле слободно да се движите , за разлика од нас, каде што беше многу поригидно. Таа неслобода се чувствуваше на тој начин што нашите власти пред 3 децении измислија сив пасош само за влез во Југославија, кој можевме да го користиме подоцна и за Австрија, рече словачкиот амбасадор во земјава, Хенрик Маркуш. Според него, опасно било и да се фотографира на почетокот на Кадифената револуција, зашто граѓаните не знаеле дали ќе ги нападне полицијата или војската.
  • Ова е една од изложбите со кои Музејот на македонската борба ја продолжува соработката, не само со сличните институции и држави од регионот, туку и од пошироко. Изложбата „ Патот до слободата“, ќе биде отворена до 3 декември, рече директорката на Музејот на македонската борба, Даниела Николова.
Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ