Отсуството на критериуми за финансирање на високо образование создава системска корупција

МОН под итно да изгради критериуми за финансирање зашто поради нивното отсуство, со децении е присутна системска корупција во високото образование , велат од НАКС, врз основа на истражување што го направиле. Корупцијата се однесува и кон студентите и кон власта, потенцираат од Академскиот синдикат.

Оние универзитети, факултети, институти кои што се во блиски односи со одговорните од структурите на власта , од различни причини, добиваат согласности за вработување и имаат можност својот академски кадар да го зајакнат или барем да го одржуваат. Оние кои што немаат , се доведени во ситуација да не може да имаат ниту проста замена на професорите кои заминуваат во пензија. Факултетите се принудени да запишуваат голема бројка студенти, без разлика на квалитетот на студиите, како би можеле да исплаќаат основни елементи на плата, додаток на плата за стаж, кој што МОН со години не го плаќа, вели Маја Стефановиќ од НАКС.

Сретставата кои што се издвојуваат од буџетот за високото образование се меѓу најниските во Европа и изнесуват околу 3, 7% од БДП, беше речено на денешната трибина, на која од НАКС изнесоа и различни суми на плати кои редовните професори на различни единици на УКИМ ги добиваат.

Имате ситуација да на една единица на УКИМ, просечната плата на редовен професор е околу 120 илјади денари, а на друга единица , просечната плата на редовен професор е околу 35-36 илјади денари. Ова се податоци од пред последните покачувања од 5 %, вели Стевановиќ.

Проблемот со платите од НАКС очекуваат да се реши со потпишување нов Колективен договор со власта, по изборите во април. Од МОН велат дека работат на нов модел за финансирање во високото образование и за таа цел до сега се реализирани повеќе средби со ректорите и други претставници од универзитетите. Новото решение се очекува наскоро, дополнуваат од МОН.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ