
Откажани културните настани поради дводневна жалост
Македонскиот народен театар, ја откажа најавената вечерашна изведба на мјузиклот „ Мама Миа “, поради прогласениот ден на жалост. Од МНТ велат дека купените влезници за 14 февруари, ќе важат и за 11 март кога ќе биде изведен мјузиклот. Откажување има во Македонската Филхармонија. Концертот под наслов „ Моја љубов“ , за празникот Свети Валентин, е одложен за понеделник- 18 февруари, а купените влезници за вечерва, ќе важат и за тој концерт, потврдуваат од оваа национална установа. И екипата на документарниот филм „ Медена земја“, кој победи на фестивалот Санденс во Јута- САД, и освои вкупно 4 награди во 3 категории, ја откажа најавената прес конференција за денеска во МКЦ. Од тимот на „ Медена земја“, наскоро ќе го објават новиот датум и термин за прес конференција со наградените автори на документарецот.
Дводневна жалост прогласи Владата на РСМ синоќа по трагичната несреќа на автобус на автопатот Скопје- Тетово, во која според последните информации загинаа 14 патници, а седуммина се борат за живот. Од националните установи во културата , кои ги откажаа настаните, изразуваат длабоко сочувство до семејствата на починатите патници.