Охриско лето ќе го отвори британската ѕвезда Ванеса Меј

Британската музичка ѕвезда Ванеса Меј, ќе го отвори годинашново 59 издание на фестивалот Охридско лето, соопштија денеска на прес конференција од Дирекцијата. Меј нема посебни барања, поврзани со нејзиниот престој во Охрид, освен оние поврзани со нејзината безбедност.

Музичарката и композиторка, која славата ја стекна со извонредните изведби на дела од различни жанрови на својата електрична виолина, ќе приреди незаборавна вечер, рече директорката на фестивалот Охридско лето.

Ќе имаме една незаборавна вечер со уметничка која го носи епитетот светско чудо. Убедена сум дека заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Националната опера и балет, ќе направи спектакуларен концерт, вели директорката на фестивалот Наташа Поповиќ.

Музичката програма на фестивалот, вклучува 34 концерти на кои ќе настапат уметници од земјава, регионот и од Европа, истакна селекторот.

Би ги издвоил, еден од најпознатите виолончелисти на светската сцена, Русинот Денис Шапавалов, неповторливата сопранистка Инва Мула од Албанија, која ќе настапи заедно со македонскиот тенор, Ѓорги Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, тука е и пијано дуото Гелебешеви, познатиот српски виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот Дорицо од Италија, гудачкиот квартет Асасело од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од бријанск, Русија, вели селекторот на музичката програма Васко Ристов.

Во драмската програма ќе бидат изведени 10 претстави. Соопштувајќи ги содржините преку видео бим, поради отсуство од земјава, селекторот на драмската програма, режисерот Ацо Поповски, рече дека сеуште се преговара за премиера на текстот  „ Црна дупка“, од Горан Стефановски, во рамките на фестивалот, со која ќе му се оддаде почит на нашиот починат голем драмски писател. Новина годинава е обезбедениот туристички водич за учесниците на „ Охридско лето“ и комплетно реновираната сцена на Долни Сарај. Фестивалот „ Охридско лето“ ја проширува програмата надвор од вообичаениот термин, па покрај 5- те концерти до сега одржани, ќе има уште два наесен, рекоа од Дирекцијата на фестивалот.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ