Од музичките проекти, пари само за „Златно славејче“

Од Комисијата за музичко – сценска и за фолклорна дејност рекоа дека направиле грешка при оценувањето на апликацијата за детскиот фестивал „ Златно славејче“ и дека по ревизијата на документите тој ќе биде подржан.

Гаши потенцира дека повторно ги разгледале апликациите за „ Скопскиот џез фестивал “, за „Офф фест“ и за „Здраво млади“ и констатирале како и претходно, дека се одбиени заради непотполна документација. Ќе ги почекаат да достават документи, ако така одлучи министерот Адеми, дополни Гаши. А за незадоволните 10 театри и центри за култура , кои очекуваат средба со премиерот Заев, од комисијата за Драмска дејност рекоа дека се отворени да најдат заеднички решенија.

Комисиите за визуелни уметности, архитектура и дизајн, за драмска и за музичко- сценска и фолклорна дејност, по дводневно ревидирање на апликациите на одбиените кандидати, како што рекоа  ја завршиле својата работа. Членовите на трите комисии остануваат на претходните одлуки за одбиените и за проектите кои поминале на конкурсите и потенцираа дека нема да подржат нови апликанти. Пари од буџетите за трите дејности има, доколку по доставените жалби поедини проекти се разгледаат и дополнително се оцени дека треба да бидат подржани.Од комисиите рекоа и дека работеле чесно и по закон, иако деновиве се мета на напад. Конечната разврска на скандалот со одбиените и подржани проекти на конкурсите за Годишната програма за култура, се очекува по средбата на премиерот и министерот за култура до крајот на работната недела, по што премиерот ќе донесе одлука, информираа вчера од Владата.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ