
„Ноќна романса за Кочо Рацин“ -изложени љубовните картички од Кочо кон Раца
За прв пат пред македонската јавност се претставини љубовните писма од Кочо Рацин до неговата најголема платонска љубов Рахилка Фирфова г-Раца. Со изложбата на овие писма и перформансот „Ноќна романса за Кочо Рацин“ Националната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ се приклучува кон одбележувањето на 110 години од неговото раѓање и 75 години од смртта.
Раца никогаш не стапила во комуникација со Коста и покрај фактот дека картичките кои и ги испраќал изобилувале со емоции. Интересен е фактот дека и покрај тоа што живееле во ист град, тој никогаш не собрал храброст да и пријде. Сведоштва за болката која му била нанесена поради невозвратената комуникација се дел од стиховите испишани со крв во некои од картичките.
Трисет и едно љубовно писмо на основоположникот на современата македонска литература Кочо Рацин до Рахилка Фирфова – Раца за прв пат се изложени пред македонската јавност. Сведоштавата на едностраната и платонска врска меѓу Кочо и Раца се дел од Архивскиот фонд „Кочо Рацин“ на МАНУ.
„Особено важен настан бидејќи Коста Солев го добил својот псевдоним баш по Раца, односно Рахилка на која и ги посветил песните кои се запишани на дописни картички и ги испраќал од Софија, Сплит, секаде каде престојувал и патувал. Испраќани се до Рахилка Фирфовиќ во тоа време, инаку Фирфова. Напишани се на српско-хрватски јазик, бидејќи политичките услови во тоа време го налагале тоа“, вели Марко Цуцуловски од НУБ „Св. Климент Охридски“.
Важно е да се напомене дека дел од картичките кои и покрај тоа што биле наменети за Рахилка, сепак биле адресирани до нејзината мајка Цвета. Коста се надевал дека на овој начин неговата љубов ќе допре до Раца. Истите тие писма нејзината мајка ги чувала и складирала меѓу две цигли во домашната куќа.
„Сакавме да биде повеќе перформанс на кој ќе бидат присутни млади луѓе, затоа и го поканивме Васко Атанасоски и Бернајс Пропаганда, мислам дека тие го обработуваат во нивните песни, а ова е и можност некако поинаку да не допре Рацин“, рече директорката на НУБ „Св. Климент Охридски“ Сенка Наумовска.
„Коста Рацин едноставно е мајстор за метрика доказ дека баш убаво звучи јазиков, се е ритмично мелодично, полно со емоции, артикулирано, културно, убаво“, додава Васко Атанасоски од „Бернајс Пропаганда“.
За жал имаше и некои кои неконвенционалниот пристап и инвентивноста во начинот на кој беше претставена љубовта меѓу Кочо и Раца ги збуни, па немаа трпение да го проследат целиот перформанс.
Нина Стефанова