Невладините го ослободија од сметот Културниот дом 11 Октомври

Слоеви ѓубре на секој чекор и неподниослива смрдеа, засолниште на бездомници и ѕидови кои се неми сведоци на сето она што што некогаш било своевидна децентрализација на културата. Графити кои го разбиваат сивилото, пркосејќи на институционална негрижа. Веќе дваесет и пет години ваква е сликата на Културниот дом 11 Октомври во населба Ченто, чии врати некогаш биле ширум отворени за сите кои сакале да уживаат во театарската уметност, проекции на филмови, концерти и прошетка низ лавиринтите на библиотеката. Граѓанските активисти на Културно ехо и  „Не биди Ѓубре“ на кои им се придружија Црвениот крст и Комунална хигиена на  општина Гази Баба утрово почнаа со негово чистење.

  • Имало различни културни секции, манифестации кои биле и те како посетувани од граѓаните во Ченто. Сега во нивна близина единствено е центарот, така што тоа е доста далеку каде не може секој си дозволи отиде . Убаво би било една волку голема населба каква што е Ченто да си заслужи Дом на културата каков што имале и порано, изјави Симона Димковска, здружение Културно ехо.

Граѓанските активисти ги направија првите чекори да го вратат пулсот на Културниот дом во Ченто, но претстојат повеќе нешта кои во меѓувреме бараат и правна разрешница.

  • Значи мораме да почнеме со законската регулатива  во смисла кое правно лице ќе стопанисува со овие објекти, а такви се три во општина Гази Баба: едниот во Автокоманда, едниот е овде и третиот во населеното место Идризово, вели Борче Георгиевски, градоначалник на општина Гази Баба.

Културниот дом во населба Ченто е изграден во 1966 та година на површина од 2800 метри квадратни, со сала со 328 седишта. Денешната слика која можевме да ја видиме само ја  отсликува дведецениската негрижа за сето она што може да биде културен идентитет и децентрализација за која потребна вистинска културна стратегија.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ