
Ненаменско трошење и прекршување на законот за буџет утврдила работната група за сувенирите од „Скопје 2014“
Повреда на законите за буџет и за негово спроведување констатирала работната група при Министерството за култура во елаборатот за сувенирите со мотиви од проектот Скопје 2014.
Во првата фаза од набавката, што ја спровело Министерството за култура во 2011 година, по барање на владата на Никола Груевски, биле изработени 156 видови сувенири, по 500 примероци од секој вид, а во втората фаза во 2015 година, биле набавени нови 241 вид сувенири, од 200 до 1000 парчиња, зависно од моделот. Тендерот за изработка на сувенири го добила фирмата „Агенс“, за околу 45 милиони денари, се вели во елаборатот.
„Првата фаза на изработка, со сувенири во износ од 19 милиони 982 илјади денари, е исплатена од раздел 180.10-финансирање дејности од областа на културата, програма 80-музејска и кинотечна дејност, ставка 482-други градежни објекти, што е спротивно на законот зашто ненаменски се трошеле сретства за комерцијални набавки што немаат никаква врска со музејска или кинотечна дејност. Во втората фаза на изработка на сувенирите, износот од 24 милиони 996 илјади денари, е исплатен од раздел 180.10-финансирање на дејности од областа на културата, програма 80-музејска и кинотечна дејност, ставка 464-други трансфери, што е спротивно на законот од истите причини“ кажаа од работната група за проектот „Скопје 2014“.
Процесот на нарачка и изработка на сувенирите е замислен како естетско продолжение и пропаганда на „ Скопје 2014“, низ карикатурално пресликување на и онака спорните обележја.
Ова е нагласено со непостоењето јавен конкурс за идејни решенија и дизајн на нарачуваните предмети од Кина, како и со отсуството на стручна естетска валоризација при одлучувањето за набавката, стои во елаборатот.
Главнината од сувенирите, од 20 инфо пунктови за туристичка и културна промоција, што ги отвораше поранешната министерка Канческа-Милевска, со одлука на тогашната влада се складирани во два изложбени простори на Музејот на Македонија.
„Ние почнавме да ги повлекуваме бидејќи сметководствено се водат во Музејот на Македонија и од практични причини бидејќи не се продаваат“ кажа Гордан Николов, директор на Музејот на Македонија.
Од крајот на септември 2016 година, овдека се чуваат околу 200 илјади парчиња сувенири со мотиви од Скопје 2014. Според каталогот, најевтини се беџовите од 50 денари, а најскапо се продавале комплетите шах со антички фигури по цена од 4130 денари. Меѓу сувенирите има и други комерцијални предмети со обележја од нашата историја и култура.
„Се наоѓаме во еден од двата изложбени простори, овде во Музејот на Македонија, кои се претворени во депоа заради тоа што чуваат сувенири со мотиви од проектот „Скопје 2014“. Од Музејот на Македонија очекуваат што побргу сувенирите да се дислоцираат за да просторот го наменат за едукација, неопходна во периодот што следува“
И работната група во елаборатот препорачува ресорното министерство да и предложи на Владата, да престане важењето на одлуките, Музејот на Македонија да се грижи за сувенирите.
Оваа национална установа да го евакуира од своите простории целиот контингент сувенири и да го однесе на рециклирање или уништување.
Министерството за култура на надлежните органи да им укаже дека постојат елементи за поднесување кривична пријава за ненаменско и противзаконско трошење буџетски сретства во финансирањето и изработката на сувенирите, стои во заклучокот од елаборатот.
Сотир Трајков