
Неизвесни ангажманите на Теодосиевски и на Барџиева Трајковска во Министерството за култура
По новогодишните празници експерти од музејската дејност и од заштитата на културното наследство, од Министерството за култура добија известувања дека нивните ангажмани во повеќе реформски процеси и изготвувања законски акти, прекинуваат зашто ресорот повеќе нема потреба од нив, годинава. По реакциите, Министерство се премисли и со допис до јавноста информираше дека Златко Теодосиевски и Донка Барџиева Трајковска ќе останат да соработуваат на реформските процеси, но нема да бидат повеќе советници на министерот Адеми. Експертите сега велат дека ангажманите им се неизвесни, дека министерот не ги повикал за да им каже како ќе се спроведуваат понатаму започнатите реформи во културата, а нивната канцеларијата, со доверливи документи за проектот Скопје 2014 , е дадена на користење на возачите во министерството.
Партиска игранка. Со овие зборови претседателот на работната група што ја подготви усвоената Национална стратегија за кулура, Златко Теодосиевски, ги опишува причините зошто неговиот и ангажманот на Донка Барџиева Трајковска во Министерството за култура, се неизвесни и покрај дописот од ресорот пред два дена, дека нема да бидат советници на министерот Адеми, но ќе останат како соработници. Теодосиевски вели од тоа ќе страдаат започнатите реформи во културата.
„Овој мрачен танц го водат луѓе кои што се случајно во Министерството за култура. За жал, вистинските потези ги влечат некои други во позадина. Не се чувствувам како жртва , далеку од тоа. Ама мислам дека жртви ќе бидат реформите во културата. Тоа е најголемиот проблем“, кажа Златко Теодосиевски- координатор за спроведување на Националната стратегија за култура.
Донка Барџиева Трајковска е ангажирана како претседателка на 3 работни групи, вклучително и на онаа за проектот Скопје 2014. Вели дека им е нејасен статусот на соработници, дека министерот за култура Адеми до денеска не ги повикал за да им објасни и дека остануваат повеќе неодговорени прашања, поврзани со реформите во културата.
„На кој начин сега тоа ќе се прави, ние не знаеме. Исто така не знам кому да ги праќам материјалите, кој ќе ги разгледува, кој ќе ја води понатамошната постапка ? И отворено е навистина прашањето за нашиот ангажман“, кажа Донка Барџиева Трајковска- претседателка на 4 комисии во Министерството за култура.
Двајцата се загрижени за доверливите документи за Скопје 2014, кои, како што велат, останале во нивната канцеларија во министерството, која деновиве ја добиле возачите на министерот Адеми. Од Министерството го повторуваат одговорот, дека ќе останат соработници, како дел од повеќе работни групи кои работат на прашања во одредени области од културата. Златко Теодосиевски и Донка Барџиева Трајковска , беа примени за соработници во 2017 година, со решенија од претходниот министер за култура, Алаѓозовски.
Сотир Трајков