Недостиг на професионални стандарди во преведувачката дејност

Преведувачите треба да имаат одговорност кон својата професија и затоа е потребно да постои регулатива и регистер за тоа кој може да биде преведувач и толкувач според јасни критериуми, што за жал во моментов ги нема. Следствено на тоа и вреднувањето на квалитетниот преведувач би било на повисоко ниво, сметаат од Здружението на преведувачите и толкувачите.

„Преведувачите и толкувачите се соочуваат со тоа што никој не ја гледа сложеноста на професијата туку се смета било кој што научил некој странски јазик може да ја врши таа функција и тоа не е секогаш така. Може, арно ама, преведувачот треба да биде оспособен не само за јазикот, туку и за начинот на кој што треба да се пренесува значењето, зависно од тоа дали е стручен или книжевен превод. Вториот проблем е проблемот со авторските хонорари кои се уште не се регулирани кај нас и се навредливо ниски“, Огнена Никуљски, претседател на ЗПРМ.

„Што покажува дека издавачот не го цени трудот кој го вложува преведувачот при пренесување на душата на една книга. Исто така не се споменуваат имињата на преведувачите. Инаку излегува текст излезе таа и таа книга, од тој и тој автор, се работи за ова и ова, а преведувачот никаде го нема, а без преведувачот никој не би можел да ја прочита таа книга“, вели Љубица Арсовска, преведувач.

За жал малкумина се свесни дека книжевниот превод бара широк светоглед, не само да го познавате јазикот на авторот кој го преведувате, туку и културата и општествено- политичките околности во таа земја и периодот во кој е пишувано делото. Роковите кои се поставуваат се дополнителн проблем.

„Се поставуваат невозможни рокови за работа, а во такви рокови кратки и најдобриот може да направи некакво промашување. Треба да се води сметка дека тоа не е дека седнуваш и автоматски ги пишуваш зборовите на компјутерот, туку процес кој бара размислување и истржување“, вели Никуљски. 

Воведување професионални стандарди и соодветно вреднување на книжевниот, стручниот и судскиот превод и нивна дистинкција се клучните нешта на кои апелираа членовите на Здружението на преведувачи и толкувачи.

 Нина Стефанова

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ