
Недостасуваат свест и финансии за архивирање на културното наследство
Недостасуваат финансии, а пред се свест и одговорност кај институциите кои одлучуваат за архивирање на нашето културно наследство. Ова е заклучокот од форумот на кој музејски работници и заштитари разговараа за заштитата на архивскиот материјал. Според нив, повеќе се посветува внимание на презентацијата на новите откритија, отколку на нивното архивирање. Тие ги прозваа Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, кои не дојдоа на форумот.
Во Македонија со децении отсуствува свеста за архивирање на целокупното културно наследство , не зависно дали е етнолошко, историско, археолошко и друго, се пожалија музејските работници. Според нив проблемот од минатиот се пренел и во овој век.
- Тоа е голема болка во Македонија. Кај нас многу долг период се обрнува внимание само на она што значи појавност, односно презентација, додека оној дел кој што се однесува на заштитата и превентивната заштита, за жал сеуште ни е голема болка и во 21 век, вели Маја Чанкуловска Михајловска- претседателка на МНК-ИКОМ.
Не се води грижа за архивирање на истражувањата , со што се губи континуитетот во развојот на научната мисла. Причина е недостатокот на финансии, но и кадар кој не се обновува, вели претседателот на здружението „ Син штит“.
- Финансиите се главен проблем бидејќи и тие институции кои претходно имале луѓе што работеле во тие архиви, со нивното заминување во пензија, едноставно не се пополнети тие работни места, рече Даворин Трпески од МНК „ Син штит“.
Од Здружението што се занимава со заштита на споменици и локалитети, ги прозваа директорите на установите, но и ресорното министерство и Управата за заштита на културното наследство, кои не присуствуваа на форумот, а се нивни партнери и финансиери.
- Многу често се случува да ги нема точно оние кои треба да не послушаат. Ние ќе ги направиме заклучоците, но сепак друг е односот кога вие сте присутни, смета Лазар Шуманов, претседател на МНК-ИКОМОС
Од УЗКН со одговор дека не добиле официјална покана и дека работат според европски стандарди, зашто чувањето и заштитата на архивскиот материјал во депоата и неговата превентивна заштита, се многу значајни за институциите од областа на културата.
Сотир Трајков