Перформансот „Кога зградите би зборувале“ поттик за обновување на старото кино во Железничката зграда

Недостасуваат простори за независната сцена и за граѓаните, велат уметници и активисти кои денеска во Железничката зграда одржаа перформанс, со цел свртување внимание на локалната власт за потребата од заживување на руинираната кино сала во објектот. Во ова време кога луѓето се повеќе се одродени меѓу себе, кино салата треба да стане место, каде низ различни културни и други ангажирани содржини, ќе се врати духот на заедницата на станарите на Железничка зграда, велат организаторите.

Кино салата во Железничка зграда денес е руинирана и има многу влага, а  пред седум децении кога зградата била пуштена во употреба, кино салата била место за средби на станарите и граѓаните. Се памети и снимањето на сцена од филмот „Среќна нова 49-та“, овдека. Но,  освен поправката на зградата по земјотресот 1963 година и поставените во поново време, патеки во дворот и летниковец, зградата се повеќе се распаѓа, а никој ништо не превзема, вели еден од нејзините највозрасни станари.

  • Од земјотресот наваму, една словенечка фирма градежна ја реновираше зградава. Нешто направија и во салава. И од тогаш наваму, од 1963 година оди се подолу и подолу. Никој не се нафаќа. Градоначалници се менуваат. Сите доаѓаат, ветуваат „брда и долини“, а од тоа ништо, вели Иван Џијановски – станар на Железничка зграда.

Со  цел, враќање во употреба на руинираната кино сала во Железничка зграда, поради недостатокот на простор за независната културна сцена и за граѓаните, уметници- активисти денеска одржаа перформанс, насловен „Кога зградите би зборувале“.

  • Преку активна култура се обидуваме проблемот на недостаток на јавни простори за култура и за граѓаните, повторно да го вратиме во фокус. Битен е овој простор, очигледно е дека се распаѓа подолго време и некако се обидуваме да алармираме дека треба да се стави во функција на јавноста, истакна Филип Јовановски- Факултет за работи што не се учат.

Според организаторите, идејата е заживување на кино салата и враќање на поимот заедница во ова време на се поголема одроденост меѓу луѓето.

  • Преку овој проект би сакале да го вратиме во функција значењето на поимот заедница, живеење еден за друг, помагање еден на друг, солидарност и т.н., рече Ивана Васева- Факултет за работи што не се учат.

Во перформансот учествуваа актери, станари на Железничка зграда и други граѓани. Тие низ прошетката околу и во објектот и во кино салата најгоре, слушаа за минатото на зградата, за нејзините станари, но разговараа и за нејзината иднина.

  • Во перформансот има вистински фактографски податоци за оваа зграда, меѓутоа многу од работите и се измислени, рече Јасмина Василева-актерка.

Перформансот беше дел од проетот „ Активни простори на заедницата за граѓански промени“.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ