Најдоброто од скулпторот Драган Попоски во Даут пашин амам

Во Даут-пашиниот амам, пред многубројните љубители на уметноста, синоќа беше отворена ретроспективно-монографската изложба на Драган Попоски-Дада (85), доајен на македонското современо вајарство.

На отворањето на изложбата се обрати и министерот за култура Асаф Адеми, кој истакна дека оваа изложба е само уште еден во низата значајни настани со кој Националната галерија на Македонија, годинава го одбележува своето седумдецениско постоење и која преку ваквите ретроспективни изложби дава свој придонес во негувањето и презентирањето на високите вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашата земја.

„Затоа е чест што вечерва сум опкружен со делата на уметникот кој со својот исклучителен и оригинален творечки израз остави особен печат во развојот и афирмацијата на современата македонска скулптура, но и за промоција на македонската култура во светот“,  рече пред присутните министерот за култура Адеми .

На изложбата, која ќе биде отворена до 24 ноември, претставени се над стотина дела (скулптури и цртежи), од сите фази од творештвото на Драган Попоски-Дада, што започна во далечната 1964 година. Делата што се претставени се сопственост на авторот, на повеќе институции, како и на значаен број приватни сопственици.

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ