
Нада Прља со „ Субверзија во црвено“ ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале
Уметницата Нада Прља , со проектот „ Субверзија во црвено“, ќе ја претставува Македонија на годинашното ликовно биенале во Венеција, соопштуваат од Министерството за култура. Комисијата во состав: проф. Мирко Вујисиќ, проф. Тони Васиќ и Имер Бајрами, ги разгледа пристигнатите пријави на конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на меѓународната дејност, за учество на Република Македонија на 58-та Интернационална ликовна изложба во Венеција и одлучи национален претставник на нашата држава оваа година да биде проектот на Музејот на современата уметност „Субверзија во црвено“, од авторката Нада Прља, стои во соопштението. Во пропишаниот рок на конкурсот, во Министерството за култура пристигнале уште 3 пријави: На НУ Национална галерија на Македонија, за проектот „Мирисот на лебот“, од авторот Нехат Беќири, на Музејот на град Скопје за проектот „А-Reaction“, од авторката Марија Павловска и самостојниот проект „Че биде“, од авторот Игор Јосифов. При увидот во пријавите, Комисијата утврди дека проектот на НУ Национална галерија на Македонија не ги исполнува условите пропишани во конкурсот и токму затоа проектот на Нехат Беќири не беше земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување, објаснуваат од Министерството за култура. За преостанатите три проекти комисијата констатирала дека се одликуваат со високи уметнички карактеристики, дека се професионално конципирани и ги одразуваат квалитативните параметри нотирани во конкурсот. Сепак, со особено внимание комисијата го издвои проектот на авторката Нада Прља кој, според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културениот контекст и во однос на темата на Биеналето. Комисијата, исто така, ги зеде предвид и квалитетите и искуството на авторката со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена. Истовремено, Комисијата изрази уверување дека и соработниците што се вклучени во реализацијата на проектот, во однос на уметничката критика и стручност, имаат големо интернационално искуство, особено во претходните учества на оваа манифестација, стои во соопштението од ресорот Култура.
Венециското биенале ќе се реализира во периодот од 9 мај до 24 ноември. Куратор на годинашното издание на Биеналето е Ралф Ругоф, кој ја утврди и генералната тема на манифестацијата: „Може да живееш во интересни времиња“. За претставувањето на проектот на Музејот на современата уметност, Министерството за култура издвои 4.000.000,00 денари.