
На новиот министер за култура му треба време за да се запознае со состојбите
На новиот министер за култура, Асаф Адеми , кој денеска ја презема функцијата од неговиот претходник, Роберт Алаѓозовски, му треба време, како што рече, за да се запознае со состојбите во културата и да одговара на новинарски прашања. Годинава, кога имаше бурни реакции околу доделените сретства од Годишната програма, а архитектите повикуваат објектите од „Ск 2014“, или да се дислоцираат или да се легализираат зашто се дивоградби, новиот Министер за култура кој по професија е градежен инженер, бара време за да се запознае со состојбите и да делува транспарентно.
„Јас од денеска стапувам на функција, ќе бидам отворен за сите ваши прашања и дискусии. Ќе имам средби со сите претставници на сектори и на сите надлежни што требале и зошто не ги реализирале работите на време. Ќе имаме работа да се направи. Затоа давајте ми време да се видам со луѓето, па после сум отворен за сите ваши прашања“, изјави Асаф Адеми – нов Министер за култура.
Министерот за култура Адеми доаѓа од крилото на Беса, на Африм Гаши. Тој бил поранешен амбасадор во Данска, кандидат за градоначалник на Гостивар на локалните избори и директорувал со данска компанија. Тој рече дека ќе биде министер за култура на сите граѓани и дека ќе креира унитарен културен идентитет.
„Ќе бидам министер за сите, без разлика на нивната етничка, партиска или верска припадност, дека ќе се потрудам да креирам унитарен културен идентитет за сите, дека ќе се потрудам да градам мостови на културна соработка помеѓу сите заедници и сите граѓани во РМ“, изјави Адеми.
Алаѓозовски, кој му ја предаде функцијата на Адеми, изрази очекување дека започнатите реформски процеси во културата ќе продолжат со зацртаната динамика. Алаѓозовски продолжува во Владата, на функцијата Национален координатор за култура, а новиот министер Адеми ќе работи на подобрување на мултикултурниот и мултиетничкиот живот, разнишан како што рече тој, од проектите на поранешната власт.
Сотир Трајков