
МВР зaпочна предистражна постапка за злоупотреби и незаконско работење во МНТ
МВР започна предистражна постапка за незаконско работење и злоупотреби во МНТ, за периодот 2015 – 2018 година, кога директор на театарот беше режисерот Дејан Пројковски и негов наследник, в.д. директорот Драган Спасов- Дац. Предистражната постапка е резултат на анализата на постапки за јавни набавки, потврди за Телма , адвокатот Жарко Стеваноски, чија адвокатска канцеларија извршила увид во работењето на театарот и открила низа незаконски дејства, злоупотреби и долг по разни основи, во висина од 150 илјади евра.
Внатрешната анализа од ревизијата утврди повеќе недостатоци, незаконитоски, па дури и очигледни злоупотреби , што се однесуваат на реализација на договори за јавни набавки кога со МНТ директорувал режисерот Дејан Пројковски , вели правниот застапник на МНТ.
- Конкретно специфична е јавната набавка на пример за одржување хигиена, вредна 2, 5 милиони денари, која по истекот на реализацијата , без анекс и без никаков договор е продолжена за дополнителни околу 40 илјади евра, изјави за Телма Жарко Стеваноски-правен застапник на МНТ.
Утврдениот вкупен долг од 150 илјади евра е направен од сметката на театарот , од сметката на бифето и за проекти, а се однесува кон добавувачи на бифето, уметници, неисплатени хонорари и превоз. Сумата и денес расте, вели Стеваноски зашто дополнително стигнуваат и нови фактури, а дел од нив се оспорени.
- За голем дел од јавните набавки воопшто не е вршен надзор и не може точно да се утврди обемот на извршување на обврските од страна на договорните страни , така што сепак предистражната постапка ќе покаже многу повеќе од тоа што можевме ние како адвокатска канцеларија да го утврдиме, изјави Жарко Стеваноски-правен застапник на МНТ.
Во интерес на истрагата, од раководството на МНТ не даваат изјави, но Телма од свои извори дознава дека во летниот период , и Трудовата инспекција побарала од МНТ документ за статусот на Дејан Проковски, кој по разрешувањето од директорската функција , добил место режисер во театарот од страна неговиот наследник, в.д. директорот Драган Спасов. Тоа работно место по систематизација не постои, рекоа од МНТ кога поради нерасчистената ситуација и немање визија за работа, Александар Поповски летово си поднесе оставка на функцијата претседател на Управниот одбор на МНТ.
Сотир Трајков