Мице Јанкуловски се закити со „Лоренцо ил Мањифико“


На уметникот Мице Јанкуловски му беше врачена наградата „Лоренцо ил Мањифико“, за животно остварување, на вчера завршеното уметничко биенале во Фиренца
Јанкуловски ја освои наградата за „Круговите на Леонардо“ , серија од 11 слики од 2017 година, работени во техниката, акрил на платно, 195 см на 2145 см., од кои на биеналето во Фиренца беше изложен сегмент од 4 слики. Со ова дело, инспирирано од студијата на Леонардо за водата, Мице Јанкуловски на осмислен и интелигентен начин се поврза со темата на биеналето, за наследството на Леонардо да Винчи, осмислена по повод годинашното одбележување на 500 години од неговата смрт.
На церемонијата на доделување на наградите, беа присутни градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, Роберт Алаѓозовски, национален координатор за култура и меѓуресорска соработка, Мати Грунберг -уметник од Израел и Манос Стефанидис од Грција, уметнички критичар, куратор и публицист. За творештвото на Мице Јанкуловски зборуваа Алаѓозовски, Грунберг и Стефанидис, а мотивацијата за доделување на наградата „ Лоренцо ил Мањифико“, ја објасни кураторот на биеналето во Фиренца, д-р Мелани Зеферино. 
Мице Јанкуловски на биеналето му ја подари својата монографија „Јанкуловски – сликарство / Форма III“, со посвета во вид на палиндром на македонски јазик, посветен на Леонардо да Винчи, кој и самиот пишувал огледално.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ