
Митеш Диксит: Трамповата политиката на „нулта толеранција“ е чист расизам
Митеш Диксит е американски архитект и филозоф кој во своите предавања и разговори со студентите често пати ја загатнува темата за моменталните светски превирања врзани за ѕидот на границата меѓу САД и Мексико. Бројните критики дома и во странство го натераа Трамп да ја напушти политиката на „нулта толеранција“ кон илегалната имиграција и децата со судска наредба да бидат вратени на нивните родители. Сепак и понатаму повеќе од 500 деца и понатаму остануваат под грижа на владата на САД. Голготата на децата разделени од своите родители на кои сведочеше светот се тажна слика за бруталноста на прикриениот расизам, забележуваат многумина.
„Да, но јас не сметам дека тоа е речиси прикриен расизам. Тоа е чист расизам. Интересно е што ѕидот е најмалку значајниот аспект од целата зона. Ѕидот реално не се простира толку далеку, физички е невозможно да изградите ѕид долж целата граница, невозможно е затоа што поминува преку реки, преку секакви геолошки услови што можете да замислите: Ѕидот е чиста реторика. Кога Трамп вика ќе изградиме ѕид тоа е тотален нон-сенс“, вели Диксит.
Границите, кои се често предмет на научните истражувања на Митеш Диксит, се силно испреплетени со судбините на луѓето. Размислувајќи за надворешните, географски граници и оние внатрешните во нас самите се отвораат бројни толкувања за тоа што всушност тие носат во себе.
„Границите се вештачки и обично нештата што се наменети да не делат, всушност не привлекуваат. И тоа го откривме со ѕидот со Мексико, наменет да функционира како граница, но всушност ги создава овие прекрасни градови близначки околу овие критични точки. Парадоксот е дека ѕидот всушност ги зближува луѓето“, вели Диксит.
Митеш Диксит e професор по Архитектура на Syracuse University, New York и основач на архитектонското студио DOMAIN OFFICE со седиште во Њујорк и локален тим архитекти во канцеларијата во Белград.
Нина Стефанова