Миодраг Радоњиќ – Бато: Инвеститорите мислат дека со парите го купуваат и архитектот

За архитектот- проектант, но и добро упатен урбанист, Миодраг-Бато Радоњиќ, 2018 година заврши со највисоката наградата од ААМ, „ Андреја Дамјанов“, која се доделува за животно дело, особени достигнувања и придонес во развојот на архитектурата и градителството. За лауреатот , таа е заокружување на 41-но годишната кариера.

Самата чест што јас ја добив наградата, многу ми значи, заради тоа што тоа е сепак заокружување на мојата долгогодишна кариера. Не само завршување на оваа година, меѓутоа ете, како сатисфакција за мојата голема опседнатост и за мојата голема љубов кон архитектурата, вели Радониќ.

А, неговата љубов кон професијата, резултира со изготвени 30 тина урбанистички планови и проекти и над 150 архитектонски , од кои 75 се реализирани. Станбени, деловни, објекти за спорт и забава, се дел од проектите на архитект Радоњиќ, реализирани дома и во странство. За нив добил повеќе награди на „ БИМАС“, како и наградата „ Борис Чипан“, од Комората на овластени архитекти и инженери. Бато, за работата во атељето „Авјар“, вели дека со партнерот Ранчо Христов и со останатите колеги, се труделе да креираат квалитетни објекти за клиентите , како да ги правеле за себе. Но, признава дека во првите години на независна Македонија, кога го отвориле бирото, било полесно за работа зашто ентузијазмот да се направи нешто добро, а не како денес, финансиите, ја воделе играта.

Инвеститорите имаат изменет однос. Мислат дека со парите го купуваат и архитектот, го купуваат и проектантот. И мислат дека можат да диктираат и да кажуваат се што сакаат. Архитектите се ставени во незавидна ситуација, да бираат, дали да прифатат или да откажат или да наоѓаат некои магични решенија помеѓу двете, вели Бато.

Под диктат на власта на Груески, изникна проектот Скопје 2014. Тој е неправда и срам за градот, смета Радоњиќ. Според него, со рефасидирањето на вредните објекти од минатото, Скопје е девастирано и предлага, ако се почне со расчистување, да се започне од објектот на Владата, чиј автор е Петар Муличковски.

Тоа е специфична, обесена конструкција. Многу прогресивно и актуелно , во тоа време направен објект и како таков беше влезен во историја на архитектурата, пошироко од ова наше подрачје. И мене кога би ме прашале, јас тој прв би го вратил, вели Радониќ.

Наградата „ Андреја Дамјанов“, како што изјави и по добивањето, не е крај за работата на архитект Бато Радоњиќ. Во план му се повеќе проекти во 2019. А, неговата празнична порака, е без многу врева и обвинувања, и граѓаните и власта да се зафатат со чистење и одржување на јавните простори во Скопје!

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ