
Министерството за култура ќе ги преиспита одлуките во Годишната програма за култура
По бурните реакции во јавноста околу резултатите во Годишната програма за култура, ресорното министерство се огласи , изразувајќи подготовеност да ги испита евентуалните неправилности при аплицирањето и одлучувањето на комисиите и , како што велат од таму, ако има потреба ќе спроведе дисциплински постапки.
„Цврсто стоиме на ставот, дека доколку има индиции за неправилности во процесот на аплицирање и одлучување, или доколку одредени личности или субјекти учествувале во непотизам, корипција, клиентелизам или други незаконски практики, Министерството е подготвено веднаш да ги преиспита тие случаи, а доколку се утврди одговорност, да спроведе дисциплински и други постапки, во согласност со законот“, соопштија од Министерство за култура на РМ.
Оваа реакција на министерството за култура, доаѓа по синоќешното гостување на ресорниот министер Алаѓозовски во„ Топ тема на ваша страна“, при што му беа укажани повеќе примери на нејасни одлуки, меѓу кои и за доделените три проекти во висина од 2 милиона 400 илјади денари на Сојузот на албаски артисти Арт Тетово, зад кој стои извесен Кутим Салиу. Министерот немаше прецизен одговор.
„Комисијата има образложение. Сега не би можел да одам на поединечни прашања. Не би можел да одговорам“, кажа Роберт Алаѓозовски- министер за култура.
Распуштање на комисиите и повлекување на Годишната програма за култура побараа од ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО- ДПМНЕ бара да се повлече Годишната програма за култура и да се донесе нова. Партијата бара да се повлечат и членовите на комисиите кои одлучуваат за одобрување на парите, поради судир на интереси и да се постават нови“, кажа Роберт Велјановски- актер.
Во „ Топ тема на ваша страна“ министерот Алаѓозовски објасни дека првин се отворале конкурсите, а потоа се составувале комисиите и дека спорните три члена на различни комисии, Ивана Васева, Тони Васиќ и Сашо Кокаланов на кои им беа одобрени проекти, се откажале од нив за да нема конфликт на интереси.
Сотир Трајков