Екипата на Медена земја: Нема разочарување и секој кој е разочаран треба да се преиспита

Иако не го добивме Оскарот, двете номинации значат многу! Едногласно можеме да кажеме дека нема разочарување и секој кој е разочаран треба да се преиспита, порача екипата на „Медена земја“ од Лос Анџелес  на он лајн прес конференцијата.  Атиџе својата порака ја прати со песна.

Атиџе Муратова порака со песна: Грешни не грешни јас ќе ги вратам „Медена земја“ се ќе ви прости !

Вака Атиџе Муратова со песна и насмевка ги сподели своите впечатоци по доделувањето на Оскарите, забележувајќи дека посакува претстојниот период да биде барем малку оставена на мир за да се посвети на своите пчели без кои сето ова немаше се случи.

Едногласно може да кажеме дека нема разочарување. Апсолутно не и секој кој што има разочарување треба да се преиспита. Тоа е единствената вистина од сите тука! Тоа што ние го направивме со овие две номинации и со филмот е нешто што нема да се повтори во скоро време и тоа е тоа што треба да се запомни, рече Тамара Котевска, режисерка.

Мене ми е најдраго што еден таков потфат што сме го направиле сами без големи пари, без големи продукции само со добра идеја и многу ентузијазам дојдовме до две номинации за Оскар. Мене тоа ми е најважно од се, рече Љубомир Стефанов, режисер.

Чувството не може да се измери со ништо кога ќе кажеш дека имаш работено на „Медена земја“. Реакцијата на сите оние кои ги запознавме овде е неверојатна, истакна Самир Љума, кинематографер.

Доделувањето на Оскарот на „Американска фабрика“ за најдобар документарец беше до некаде и очекувано. Сепак станува збор за одличен филм, смета Георгиев продуцент и монтажер на „Медена земја“.

Си има своја исклучителна приказна, исто така значајна за целиот свет, но тоа е исто како едно пиле да се бори со гризли мечка. Сепак зад тој филм стои Нетфликс  и новоотворената продукција на Барак и Мишел Обама, изјави Атанас Георгиев, продуцент и монтажер.

„Медена земја“ до сега имаше 42 номинации во светски рамки со освоени 32 награди.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ