
Малиот битолски Монмартр остана без депото каде беа сместени најдобите детски цртежи
Малиот битолски Монмартр остана без депото каде со години наназад беа сместени најдобите детски цртежи создавани повеќе од три децении од младите ликовни творци од целиот свет на оваа ликовна колонија. Основачот на детското ликовно студијо, Коста Хаџиантоновски, неодамна бил принуден просторот што го користел како депо да го врати на сопственикот. Ликовните тврби сега се натрупани во детското ликовно студио, но и на други места, во несоодветни услови, па се заканува опасност да биде уништена најголемата колекција од детски цртежи.
„Најголемиот проблем во моментот на Малиот битолски Монмартр, што нема каде да ги чуваме најдобрите дела, кои што се жирирани и одбрани на сите изминати конкурси. Можам да речам дека има над 100 илјади цртежи на разни теми, од македонскиот фолклор, од старогратската македонска архитектура и др. Но, каде да се сместат сите овие дела“, вели основачот Хаџиантоновски.
Хаџиантоновски бара поддршка од сите поединци и компании, кои можат да помогнат да се реконструира и адаптира во депо поткровјето на обејктот каде е сместено детското ликовно студио, во срцето на старата битолска чаршија. Вели, донаторите за возврат ќе добијат од ликовните творби на младите уметници, а размислува и за аукција на делата.
„Да се направи аукција од најдобрите дела, можеби ќе собереме средства за да направиме просторија која ќе биде комплетно опремена за чување, да нема влага, да не пропаѓаат делата кои сега се расфрлени на разни места. Не е само да имаме депо, сакаме комплетно да биде опремена просторија“, вели Хаџианоновски.
Малиот битолски Монмартр во 1995 година влез во Гинис со најголемата изложба во светот, која тогаш имаше 10 илјади цртежи. Од почетокот до денес во детското ликовно студио членувале 1.500 деца од Битола, кои добиле над 2.000 награди на ликовни конкурси низ светот, а 25 од нив завршиле ликовна академија. Малиот битолски Монмартр веќе се подготвува за 37-то издание, кое ќе се одржи во мај. Во меѓувреме се бара начин да се спаси вредната колекција од детски цртежи.
Емилија Мисирлиевска