
Македонскиот победник на Прашкото квадриенале се изведува на БИТЕФ
Во сосема неочекуван уметнички контекст и со видно заинтересирана белградска и новосадска публика, вчера за прв пат беше претставен македонскиот победник на Прашкото квадренале за перформанс дизајн и простор- „Оваа зграда зборува (на)вистина“, во рамки на придружната програма на најпрестижниот театарски фестивал во регионот и пошироко, 53. БИТЕФ.
Перформансот – инсталација „Оваа зграда зборува (на)вистина“, на авторот Филип Јовановски, куриран од Ивана Васева и во изведба на актерката Кристина Леловац, имаше две изведби во холот на Главната железничка станица во Нови Сад, а на барање на организаторите следуваат уште шест изведби во наредните два дена. За изведбата во Нови Сад, БИТЕФ имаше организирано специјален превоз, а публиката имаше прилика да ги чуе и авторите на проектот во краток разговор со неа и да добие публикација која е дел од самата инсталација.
Ова гостување исто така е овозможно во соработка со „Нови Сад 2021 – Европски град на културата“ и се одржува во рамки на нивната програма „Калеидоскоп на културата“.
„Оваа зграда зборува (на)вистина“ доаѓа на БИТЕФ, по успешното претставување на 44-то издание на МОТ интернационалниот театарски фестивал во Скопје, „ МОТ“, а во иднина се планирани и уште неколку претставувања надвор од земјата.
Проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“, е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино Култура“ и двојазична публикација.
„Оваа зграда зборува (на)вистина“ се изведува во размер 1:100, како едно кондензирано искуство од минати активности, како архива од повеќе времиња кои би требало и во живо да ни кажат: Ако успееме овде, можеме да успееме секаде! А токму тоа е и дизајнот на перформативната агонистичка заедница.
На проектот соработуваа : Кристина Леловац, Биљана Тануровска Ќулавковски, Драгана Заревска, Владо Караев, Анџела Петровска, Виолета Качакова, Слободан Унковски, Борис Бакал, Симона Димковска, Марија Гелмановска, Јана Кастратовиќ, Томе Димитриевски, Ана Виленица, koma.mk, Јасмина Ѓоргиева, Бехар Далипи, Ана Василева.