„МАГИЧНА ВИОЛИНА“ – КОНЦЕРТ НА ВИРТУОЗОТ НА ВИОЛИНАТА ВАДИМ РЕПИН И МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

Македонската филхармонија вечерва во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт под наслов „Магична виолина“, на кој како солист ќе се претстави еден од најголемите виолинисти на денешнината, Вадим Репин од Русија.

Виолинистот со огнена страст, со беспрекорна техника, уметникот од чии раце извира поезија и сентименталност, како што го опишува критиката, Вадим Репин, за македонските љубители на музиката ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев.

Кога се споменува името на Вадим Репин, сите се едногласни дека станува збор за еден од најголемите уметници на денешницата. Критиката го опишува како „виолинист со огнена страст, со беспрекорна техника, како уметник од чии раце извира поезија и сентименталност“… Роден е во Сибир (1971) и на само единаесет години го освоил златниот медал во сите категории на натпреварот „Виењавски“, по што одржал рецитали (како негови дебија) во Москва и во Санкт Петербург. На само 14 години, Репин дебитирал во Токио, Минхен, Берлин, Хелсинки, а една година подоцна и во „Карнеги хол“ во Њујорк. На 17 години, бил најмладиот победник на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“. Меѓу позначајните настапи во изминатите неколку концертни сезони на Репин се со Лондонскиот симфониски оркестар и маестро Валери Гергиев, турнејата низ Австралија со Лондонската филхармонија и маестро Владимир Јуровски, настапи во Лондон, Филаделфија, во „Карнеги хол“ во Њујорк или „Концертгебау“ во Амстердам, со изведба на Концертот за виолина специјално напишан за него од страна на композиторот Џејмс Мекмилан, кулминирајќи со концерт во „Ројал Алберт хол“. Неговото име како солист стои на импресивни снимки на концерти за виолина од Шостакович, Прокофјев, Чајковски, Бетовен… Во Франција (2010) ја добива наградата за животно дело и е одликуван со престижната титула витез од редот на уметноста и книжевноста. Репин е почесен професор на Централниот конзерваториум за музика во Пекинг, како и на Шангајскиот конзерваториум. Во 2014 година како уметнички директор го презентираше првиот Транссибирски фестивал на уметноста во новата величествена сала во Новосибирск. Минатата сезона одржа концерти во Вилнус, Прага, Берлин, Париз, Анкара, Токио, САД,како и враќање во Јапонија за прославата на 100-годишнината на Чајковски, а годинава ја стартуваше со настапи во Барселона и во Мадрид, но и турнеја низ европските градови, а ќе кулминира со проектот „Трансибирија оди во Тел Авив“. Вадим Репин свири на виолина од марката „Страдивари“ од 1733 година.

Диригент на концертот е маестро Владимир Вербицки од Русија, кој првпат настапува на македонската сцена, а кој се смета за еден од најактивните руски диригенти. Под неговата диригентска палка, оваа вечер ќе бидат изведени едно од најпопуларните дела на рускиот композитор Модест Петрович Мусоргски – „Ноќ на пустата планина“, како и македонската премиера на Симфонијата бр. 1 од рускиот автор Василиј Калиников.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ