
Лауреатот Крстевски наредил актерите утре вечер да играат во негова чест
По анонимните јавувања деновиве во нашата редакција од вработени во Велешкиот театар кои обвинуваа дека в.д. директорот Младен Крстевски ги предложил членовите на комисијата за наградата „ Петре Прличко“ и сам се предложил за неа, денеска реагира актерот од овој театар Самоил Стојановски. Вели дека в.д. директорот им наредил на вработените утре вечер по доделувањето на наградата да играат во негова чест, што според него, е понижувачки и за актерите и за театарот. А, во врска со анонимните јавувања дека наградата е наместена, Стојановски смета дека се работи за конфликт на интереси зашто признанието го даваат театарот и општина Велес.
Нема да играм во чест на Младен Крстевски, зашто му е важна личната афирмација, но ќе играм во чест на публиката. Вака актерот од Велешкиот театар, Самоил Стојановски ја коментира , како што вели, наредбата на в.д. директорот Младен Крстевски до актерите, утре вечер по врачувањето на наградата „ Петре Прличко“, да ја играат во негова чест претставата „ Елешник“. Тоа е понижувачки за театарот, вели Стојановски.
„Утре, ние од театарот „ Ј.Х.Џинот “, во Велес, сме доведени во ситуација каде директорот наредува да се игра во чест на директорот. Ова мислам дека е крајно понижувачки за целата фела, како и за самата институција со која тој раководи како олицетворение на морална ерозија со себе поставување на пиедестал“, кажа Самоил Стојановски-актер во НТ-Велес.
Реакцијата на Стојановски доаѓа по анонимните јавувања во Телма, од негови колеги, кои го обвинија в.д. директорот дека сам ги предложил членовите на комисијата кои одлучувале за наградата и сам се предложил за неа. Уметничкиот директор Зафирчев за Телма изјави дека Крстевски бил единствен кандидат за наградата „ Петре Прличко“, а од Општина Велес , која заедно со театарот го организира доделувањето на наградата, демантираа дека комисијата ја избрал директорот- лауреат, со објаснување дека таа е по избор на општинскиот Совет. Но, Стојановски смета дека се работи за неморален судир на интереси .
„Со оглед на тоа што и во самиот конкурс стои дека еден од организаторите за доделување на оваа награда е НУЦК „ Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ од Велес, мислам дека е судир на интереси“.
За целиот случај в.д. директорот Младен Крстевски одби да даде изјава и се закани со тужба. Наградата за животно дело„ Петре Прличко“, е во висина од 60 илјади денари што ги обезбедува Општина Велес. По минатогодишната пауза, таа утре ќе му биде врачена на Крстевски,кој сеуште ја врши функцијата и по два истечени мандати како в.д. директор. Министерството за култура и покрај најавите, сеуште нема отворено конкурс за нов директор на театарот во Велес.
Сотир Трајков