
Куранот и Библијата најчитани во затворските келии во Идризово
Високи ѕидови, жичани огради, тишина која е погласна од секој изустен збор. Мизерни услови и време кое не минува е првиот впечаток кој се добива во најголемиот затвор во земјава Идризово.
Движејќи се низ ходниците на машкото одделение, кон малата и пренатрупана со стари изданија затворска библиотеката не пречекува со насмевка затвореник библиотекар кој веќе четири месеци внимателно ги распредлува книгите на полиците, раскажувајќи кој профил на затвореници најчесто ја посетуваат библиотеката.
„Земаат кога е времето за шетање и кога се враќаат, тогаш библиотеката мора да е отворена. Но, претежно лицата осудени за педофилија. Тое е едно единствено крило, претежно они земаат. Или тие што се во самица земаат за да им помине времето“ кажа еден затвореник.
Затворските библиотеки ширум светот имаат голема улога во образованието и ресоцијализацијата на осудениците.
„Затворот според мојата проценка располага со книжевен фонд преку 6-7000 книги, што според мене не е мала бројка. Поголемиот дел за жал сега е застарена од пред дваесет и повеќе години, меѓутоа со тек на време се добиваат донации на книги, кои се распределуваат во женскиот или машкиот дел во зависност од потребите“ кажа Александар Ковиловски, воспитувач во КПУ Идризово.
„Па бараат Новиот завет и религиозни книги, не бараат нешто криминалистика, раскази или романи. Не, ретко е тоа. Значи претежно религиозни книги Куранот, на македонски само што немаме. Еден Куран на македонски беше, не е вратен веќе месец дена“ кажа еден затвореник.
Различни приказни, различни судбини. Никогаш нема да го заборавам нашиот концерт таму, многу млади луѓе кои сплет на околности завршиле таму, вели Дарко Масларковски.
„Како во Тетовирање. Ништо не е сменето. Внатре веќе на самиот концерт прекрасно, околу стотина луѓе, позитивни со позитивна атмосфера, некои од екипата таму и ги знаеа стиховите што пријатно не изненади.Раце горе лево десно кога ќе кажам хип кажи хоп“ кажа Дарко Масларковски, група Пука Козметика.
„Кога ќе видите еден куп насмеани лица за тој саат време во кој што е организиран настанот ќе сфатите колку им е важно да имаат еден таков тип на забави, настани или такви активности во самата средина“ кажа Ивана Стоименовска, психолог во КПУ Идризово.
И покрај фактот дека многумина ќе забележат дека е помалку лицемерно да говорите за ресоцијализација на затворениците имајќи ги предвид условите во македонските затвори, сепак малкумина се свесни дека светските искуства покажуваат дека без образование и ресоцијализација низ културно-уметнички содржини 75 проценти од затворениците тешко се интегрираат понатаму во општеството и повторно се враќаат назад.
Нина Стефанова