
Конференција на МАНУ за кризата на идејата за Европа
Случувањата во Европа по Брегзит, растот на глобалната и миграциската криза, климатските промени кои резултираа со природни катастрофи го отворија прашањето дали идејата за Европа е во криза.
Постојат две идеи за да се надмине ваквата криза смета академик Камбовски.
Европа може да излезе од оваа криза и да се развива понатаму како конфедерација на националните држави со задржување на важноста на нациите значи како заедница на нациите. А втората идеја која очекувам да биде предмет овие денови, а која јас посебно ја нагласив во своето обраќање е дека таа може да излезе од оваа криза ако условно да речам како федерација на граѓаните на Европа односно на Европската Унија – оцени академик Владо Камбовски.
Се смета дека причина за кризата на идејата за Европа во најголем број случаи е токму национализмот.
Клучното прашање е зошто го имаме феноменот на национализмот токму денес, смета полскиот професор и академик Јозеф Нижник.
Се разбира најлесниот и веројатно коректен одговор е дека е резултат на глобализацијата и потребата за колективен идентитет. Националниот идентитет кој е многу природен и неизбежен. Глобализацијата секако е еден вид закана за националниот идентитет. Национализмот сам по себе во голема мера е европеизиран и она што во моментов ни треба е да се национализира самата Европа и тоа во поинаква смисла од онаа во која го сфаќаме национализмот – подвлече Јозеф Нижник од полската академија на науките.
Впрочем кризата за идејата за Европа може да се разгледува и како криза во современата состојба на духот во време на доминација на мултикултурализмот и глобализацијата како општи светски феномени.
Во рамките на тридневната конференција „Кризата на идејата за Европа“ која се одржува во МАНУ ќе земат учество повеќе домашни и странски научници.
Нина Стефанова