
Композиторите чии дела не поминаа како победнички на конкурсот, ќе го тужат Министерството за култура
По два претходни налози од Државниот управен инспекторат, 15 композитори, што се најдоа на листата предложени од комисијата за откуп на дела, ги добија решенијата за поништување на ланскиот конкурс, потпишани од министерот за култура, Алаѓозовски. Во соопшение до јавноста, композиторите најавуваат тужби.
- По добивањето на решението за поништување на објавените награди, авторите ќе поднесат тужба до Управниот суд и ќе поведат граѓанска тужба, со барање надомест за штета, поради компромитирање и нарушување на анонимноста на нивните дела и нивниот повеќемесечен труд.
Незадоволните композитори велат дека иако министерот најавил повторување на конкурсот, се’ уште нема објавено никакви информации во врска со тоа. Тие прашуваат, дали Алаѓозовски навистина има намера да го повтори конкурсот, или пак не му се допаднале определените имиња за наградени, од страна на комисијата. Од Министероството за култура велат дека конкурсот морал да се поништи зашто објавените, па повлечени резултати на 18 јануари годинава, од веб страницата на Министерството, биле предлози на комисијата, а не потпишани решенија од министерот за култура.
- На 18.01.2018 година, на веб страницата на Министерството за култура е објавена листата на резултати, предложена од комисијата за откуп на музички композиции, која најбрзо, истиот ден е отстранета од веб локацијата на Министерството за култура бидејќи е констатирано дека за откупот на композициите не е одлучено од страна на министерот за култура, со донесување на конкретен управен акт-решение. А, објавената листа на резултати е предлог на Комисијата.
Конкурсот за откуп на класични дела ќе се повтори и на него ќе имаат право да учествуваат апликантите од поништениот конкурс. А, поради формално- правната повреда на конкурсната постапката , согласно Законот за култура, ќе бидат поведени дисциплински постапки за службите што го спровеле конкурсот, со цел утврдување одговорност за направените пропусти, дополнуваат од ресорот култура.
Сотир Трајков